Руските гласачи излегоа да го дадат својот глас за да изберат локални гувернери и регионални парламенти во 25 од 85-те региони на Русија, што може да биде тест за владејачката партија Обединета Русија на рускиот претседател Владимир Путин

Четириесет и четиригодишниот критичар на Кремљ, Алексеј Навални, заврши во берлинска болница додека ја водеше кампањата за „Паметно гласање“ во Сибир во август. На 2 септември, германската канцеларка Ангела Меркел откри дека Навални бил отруен со нервен агенс, кој „во тестовите несомнено се покажал“ како новичок.
„Паметно гласање“ има цел да ѝ ја одземе власта од регионите на Обединета Русија, за која Навални тврди дека е „партија на крадци и измамници“. Таа има мрежа од над 40 регионални групи во државата. Лани, „Паметно гласање“ им помогна на опозициските кандидати да освојат 20 од 45 места во градскиот совет на Москва. Сега, тимот на Навални се надеваше да го искористи него во 25 руски региони каде што изборите траеја три дена и завршија вчера на 13 септември, поради пандемијата на коронавирусот.

„Паметно гласање“ ги користеше социјалните медиуми за да ги убеди гласачите да го поддржат кандидатот што е најдостоен да го победи неговиот противкандидат од Кремљ во нивната област. Јан Мати Долбаум, постдокторски истражувач на германскиот универзитет во Бремен, вели дека антикорупциската видеоснимка направена за време на кобната посета на Навални во Сибир има речиси пет милиони прегледи на Јутјуб.
Аналитичарите велат дека кандидатите за гувернери поддржани од Кремљ во регионите на Иркутск, Коми и Архангелск се соочиле со силни предизвици. Истовремено, опозициските партии претставуваа силна закана за мнозинството на Обединета Русија во регионалните парламенти во Новосибирск и во Магадан.

Во пет од овие региони, околу една третина од гласачите ги отфрлиле промените во Уставот во мај, со кои му се овозможува на шеесет и седумгодишниот Путин да остане на претседателската функција во наредните 12 години.