Рускиот опозициски лидер, Алексеј Навални, тврди дека чуварите го мачат и не му дозволуваат да спие, па затоа се пожалил до управата на затворот.

– Чуварите не ми дозволуваат да спијам, тоа е де факто форма на тортура – напишал Навални во писмото додавајќи дека го будат и до осум пати во текот на ноќта. Тој бара да му биде укажана медицинска нега.

Неговите приврзаници предупредуваат дека неговото здравје од ден на ден се влошува.

Адвокатката Олга Михајлова вели дека Навални трпи силна болка во грбот и десната нога и дека таа стравува за неговиот живот. Потврди дека му е направена магнетна резонанција во јавна болница, но дека сè уште не му е одредена дијагноза. Навални во моментот добива само лекови и кремови против воспаление, според изјавата на неговата адвокатка.

Навални беше уапсен во јануари штом се врати во Москва по петмесечното лекување во Германија поради труење за кое ги обвинува официјалните власти. Против него се поднесени неколку обвиненија за кои тој вели дека се политички мотивирани.

Во февруари беше осуден на две и пол години затвор поради измама во 2014 година по што беше однесен во затворот во Покров, на 100 километри од Москва. Неговото апсење предизвика големи протести во целата земја, на што властите одговорија со повеќе од 11.000 апсења.