Стотици луѓе во Јангон, во петокот излегоа на балконите за да го изразат своето незадоволство кон армијата, која спроведе воен пуч и сега го контролира Мјанмар. Демонстрантите пееја песни и удираа по тави и тенџериња, а на голем број транспаренти пишуваше „Кажете не на диктатурата“, „Сакаме демократија“ и „Почитувајте го нашиот глас“, пренесува „Гардијан“.

Демонстрантите носеа црвени ленти во знак на поддршка на Аунг Сан Су Чи од Националната лига за демократија, која претходно помина 15 години во притвор водејќи кампања против воениот режим. Азиската држава што помина пет децении под воена власт, пред да започне со транзиција кон демократија во 2011 година, сега повторно е под директна контрола на армијата.

– Армијата ги уништува нашите соништа. Се надевам дека мојата генерација е последна што го искусува ова – вели анонимен студент од универзитетот Јангон.

Овие демонстрации се најголеми по бунтот во 2007 година од страна на монаси, кој беше брутално задушен од војската. Граѓанската непослушност почна минатата недела, кога лекарите одбија да работат. Наставниците и другите државни службеници потоа се приклучија за време на викендот, што резултираше со десетици илјади луѓе на уличните митинзи низ целата земја.

– Живеевме во страв, но искусивме и неколку години демократија. Ние ги знаеме нашите права и нашите мозоци веќе не се испрани – вели еден 19-годишен демонстрант.

Армијата го оправда воениот пуч со обвинување на Аунг Сан Су Чи за измама на изборите одржани во ноември минатата година, но не обезбеди докази за да го докаже ова. Партијата победи со огромна разлика, заземајќи 396 од 476 места, што е уште посилен учинок во однос на 2015 година, кога земјата го одржа своето прво слободно гласање во последните неколку децении.

– Го презирам воениот пуч и не се плашам од насилството. Ќе протестирам секој ден додека „мајката Су“ не е ослободена – изјави Киј Пју Кјау, 20-годишен студент за време на вчерашните протести.

Активистите повикуваат на организирање на генерален штрајк во државата додека уличните протестит се одвиваат веќе трети ден едноподруго. Полицијата употреби и водени топови против демонстрантите во главниот град на Мјанмар.