Армиите низ светот ги очекува период во кој супермоќниците, односно САД, Русија и Кина ќе ги израмнат своите воени капацитети. Овие податоци неодамна ги објави фондацијата „Херитиџ“ од Вашингтон во свое истражување направено за способноста на воените сили за следната година

Со сѐ почестото „прекршување на копјата“ на интересите на суперсилите, САД на едната страна и Кина и Русија на другата, разбирливо е дека сѐ почести се и анализите во светските медиуми за тоа како би изгледале можните сценарија доколку навистина избие конфликт на спротивставените големи играчи во геополитиката. Една од ваквите анализи е и последната од магазинот „Геополитика“ што ја оценува воената способност на армиите на светските моќници, но и дава детална разработена слика како сето би изгледало во реално време.

Морнарицата најслаба „алка“ во воената машинерија на САД

Имено, угледниот магазин повикувајќи се на последниот извештај на фондацијата „Херитиџ“ од Вашингтон направен за воената способност на американските сили за 2021 година, наведува дека американската армија е делумно способна да ги исполни очекувањата за одбрана на виталните и национални интереси на земјата. Според научната студија, најслаба алка на американската воена машинерија во моментов се тамошните сили на морнарицата. Според заклучоците во документот, тоа е така поради малиот број воени бродови што ги поседуваат Американците во моментов, односно 300, а за целосно спроведување на операциите за оваа намена на Пентагон му се потребни дополнителни 100 брода или вкупно 400 пловила. Натаму, поморската флота користи застарена технологија, но и несоодветни бродоградилишта што во моментов не ги задоволуваат потребите на земјата. Во исто време во документот се наведува и дека и воздухопловството на САД има одредени „проблеми“ во оперативата на воените сили, а на американските „плавци“ им недостига поголем број пилоти во воздухопловните. Во свој осврт на случувањата пензионираниот американски генерал Томас Споер, кој е и директор на центарот за национална одбрана „Херитиџ“, вели дека САД во изминатите две децении потфрлија во модернизација на своите сили и кадар и затоа дел од нив го немаат максимумот во своето дејствување.
– Иако нашите противници инвестираа во своите сили во последните десет години и ги искористуваа технологиите што брзо напредуваа, Америка беше принудена да избере помеѓу намалување на подготвеноста за идна криза и инвестирање во модернизација на нашите воени сили. Не можеме повеќе да правиме избор помеѓу едната или другата варијанта. Ние мора да ги сториме и двете – заклучува пензионираниот генерал Споер.

Кибернетиката главен адут на Кина

Во меѓувреме интернет-порталот „Дејли сингл“ анализирајќи ја истава тема пишува дека Кина претставува поголема закана за САД од која било друга држава бидејќи таа продолжува да го модернизира и проширува својот простор во областа на кибернетиката и вештачката интелигенција. Според порталот, кинеските бродоградители во изминативе десет години произведоа повеќе од 100 воени бродови, стапка на градба што лесно ја надмина таа на американската морнарица. Напорите за „модернизација на морето“ во Пекинг вклучуваат широк спектар програми за набавка на платформа и оружје, вклучувајќи антибродски балистички ракети, антибродски крстосувачки ракети, подморници, бродови, авиони, но и голем број софистицирани беспилотни летала.

Москва ги засилува руските трупи во странство

Во текстот на специјализираниот портал „Дејли сингл“ се додава и дека и Русија во опремувањето на своите сили не заостанува зад САД и Кина. Имено, порталот наведува дека Москва продолжува да дава приоритет за военото обновување на својата армија и за финансирањето на воените операции во странство.
– Русија ги наруши границите на соседните земји и го проширува својот нуклеарен арсенал и подморничка флота. Покрај шпионската и информациската војна, Русија ги користи своите енергетски можности во Европа, а исто така сака да „забие клин“ во односите во рамките на НАТО – пишува порталот. Според медиумот, Москва ги надмина недоразбирањата со Пекинг, па во иднина се очекува двете земји да ги здружат силите во развој на воената технологија и во организирање и спроведување воени вежби на копно, вода и воздух.
– Ваквите случувања мора да бидат аларм за новата администрација на Џо Бајден, кој покрај вложувањето во социјалните мерки во земјата треба да се фокусира на зголемување на трошоците за одбраната – резимира „Дејли сингл“.

Иран и Северна Кореја „зрачат“ опасност за сите

Во заклучок на специјализираниот американски магазин за безбедност „Џејнс Дифенс“, на тема поврзана со глобалната безбедност, се истакнува дека најголема закана за суперсилите САД, Русија и Кина се практично Иран и Северна Кореја. Магазинот овие свои констатации ги темели на заклучоците дека овие две држави, кои имаат недемократски режими на владеење, поседуваат оружје што негативно ја „озрачува“ глобалната безбедност, особено онаа на Америка.