Средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун во Сингапур е позитивен настан, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

– Самиот факт дека средбата се одржала, е позитивен – изјави Лавров за РИА Новости.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека ја оценува како позитивна изјавата на Трамп по средбата дека воени вежби (со Јужна Кореја) за време на преговарачкиот процес се недозволиви. Во ставот на Министерството се вели дека прекинувањето на провокативните акции е неопходен чекор во насока на намалување на тензиите на Корејскиот полуостров и за создавање атмосфера на доверба.

Москва повика на создавање услови за мултилатерални консултации, чија крајна цел би била создавање одржлив механизам за мир и безбедност, врз основа на почитувањето на законските интереси на сите земји од североисточна Азија.

Исто како и Кина, Русија почна дијалог со Северна Кореја врз основа на мапа која предвидува истовремено прекинување на нуклеарните и балистичките проби на ДНРК и прекинување на воените вежби меѓу САД и Јужна Кореја.