Русија ги разгледува сите можни опции за понатамошните односи со Советот на Европа (СЕ), вклучувајќи и излез од организацијата, ако не престане дискриминацијата на руската делегација во Парламентарното собрание на СЕ (ПССЕ), изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи Александар Грушко.

– Дискриминација врз основа на политички мотиви е неприфатлива за нас – рече тој, изразувајќи надеж дека на крајот „кај противниците на Русија ќе преовладее здравиот разум“.

Посочи дека топката е кај оние кои одлучија да ја исклучат руската делегација.

-Тие мора да ја преиспитаат оваа одлука, ако, нормално, се раководат од длабоките интереси за зачувување на функционалноста на организацијата. Со оглед на тоа што очигледно нема консензус или нема мнозинство во корист на враќањето на сите права на нашата делегација, нема смисол да се побара потврда за акредитите на Руската Федерација во оваа организација – посочи Грушко.

Според него, би било најлесно ако ПССЕ испрати покана до руските пратеници во која се наведува дека „овој дискриминаторски режим останува во минатото“, а потоа таа да биде разгледана. Сепак, тој нагласи дека до денес нема такви најави.

– Со оглед на случувањата кои претстојат во Советот на Европа, мислам на процесот на назначување нови судии или за избор на нови претставници на една или друга функција, јасно е дека оваа ситуација не може да трае вечно – истакна Грушко и додаде дека Советот на Европа мора да го дефинира својот став најдоцна до јунската сесија кога треба да биде избран генерален секретар.

На руската делегација во ПССЕ во април 2014 година и беше одземено правото на глас поради настаните во Украина и анексијата на Крим. Како одговор на овие дејствија, Русија одби да работи во такви услови, а подоцна одби и да испраќа годишни барања за потврдување на своите акредитиви.

Во октомври минатата година генералниот секретар на Советот на Европа, Турбјорн Јагланд изјави дека правата на претставниците на Русија во уставните органи на Советот на Европа (Комитетот на министри и ПССЕ) би можеле да бидат укинати во јуни 2019 година поради систематско неплаќање на членарини.