Министерството за надворешни работи на Русија денеска соопшти дека новата стратегија за ракетната одбрана на Вашингтон ќе доведе до трка на вооружување во вселената.

Во соопштението се наведува дека планот на САД „предизвикува конфликт“ и дека ќе и нанесе удар на веќе ослабнатата меѓународна стабилност.

Се апелира Вашингтон повторно да размисли и да влезе во конструктивен дијалог со Русија во однос на прашањето за нуклеарното оружје, „пред да биде доцна“.

Американското списание „Форин полиси“ пишува дека САД работат на потенцијално најсериозната експанзија на својот систем на ракетна одбрана од времето на Студената војна, а дека претседателот Доналд Трамп заговара амбициозен план кој експлицитно укажува на намерата Америка да ги собори ракетите кои би доаѓале од Русија и Кина.