И Москва и Техеран се заинтересирани за целосно обновување на иранскиот нуклеарен договор, познат и како Заеднички сеопфатен план за акција (ЈЦПОА), изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за време на состанокот со неговиот ирански колега Џавад Зариф.

– Спасот на ЈЦПОА е една од најакутните теми на агендата. И Русија и Иран се длабоко заинтересирани за целосно враќање на земјите потписнички кон исполнување на нивните обврски согласно договорот – рече Лавров.

Иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф, пак, изрази благодарност до Москва за нејзината конструктивна и непоколеблива позиција по прашањето на ЈЦПОА.

Рускиот министер за надворешни работи истакна дека поради улогата на Москва и на Техеран во регионот, двете држави се заинтересирани и за проширување на дијалогот за низа други прашања, како што се безбедноста во Персискиот Залив, решавањето на домашниот конфликт во Авганистан и состојбата во Нагорно-Карабах.

Иако новиот американски претседател Џо Бајден изрази интерес за преговори за враќање на иранскиот нуклеарен договор, Вашингтон допрва ќе започне разговори со Техеран. Договорот претрпе голем удар во 2018 година, откако поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја повлече својата земја од договорот и наметна санкции кон Исламската Република.