Русија и САД во Виена ги продолжуваат преговорите за контрола на нуклеарното вооружување, кои се постојано под закана да завршат неуспешно. Причина е инсистирањето на Вашингтон за вклучување на Кина во овие преговори, што не е прифатено од Пекинг. Амбасадорот Маршал Билингсли, претставник на американскиот претседател за прашањата за разоружување, и рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, ќе разговараат за билатералниот договор „Нов СТАРТ“, кој е склучен во 2010 година, а чија важност истекува на 5 февруари 2021 година.

Според договорот, во рамките на постепеното разоружување предвидено со Договорот за неширење на нуклеарното оружје од 1968 година, се ограничува бројот на стратегиски нуклеарни проектили на 700 и на бомбардери, како и на 1.550 распоредени нуклеарни боеви глави.
Москва бара преговори за продолжување на спогодбата до крајот на 2019 година, но администрацијата на претседателот Трамп го условуваше тоа со вклучување и на Пекинг.

Русија и САД поседуваат повеќе од 90 отсто од нуклеарното оружје во светот, Вашингтон во 2020 година има околу 5.800 нуклеарни глави, а Москва 6.375, додека Пекинг поседува 320, Париз 290 и Лондон 215, покажуваат анализите на СИПРИ.
Кина смета дека нивниот нуклеарен арсенал е мал и одбива да учествува во трилатералните преговори, но е отворена да учествува во мултилатералните преговори. Директорот на американската независна Асоцијација за контрола на оружјето, Дерил Кимбал, оцени дека администрацијата на Трамп нема намера да го продолжи договорот „Нов СТАРТ“ во оваа фаза и се обидува да ја искористи незаинтересираноста на Кина за трилатерални преговори.