Москва е загрижена поради ескалацијата на блискоисточниот конфликт по израелскиот напад со беспилотно летало врз прес-центарот на Хезболах во Либан, соопшти во понеделникот руското Министерство за надворешни работи, пренесува ТАСС.

– Москва е сериозно загрижена поради повторната ескалација на тензиите во овој регион. Руската страна во повеќе наврати ја истакнуваше опасноста од ваквите активности во експлозивната атмосфера во регионот и предупреди дека тие може да предизвикаат голем вооружен конфликт со непредвидливи последици – се вели во соопштението.

Министерството уште еднаш ги повика инволвираните страни да се воздржуваат и строго да го почитуваат меѓународното право, вклучително и соодветните резолуции на Советот за безбедност на ОН.