На повеќе локации и за краток временски период армиите на Кина, Америка, Русија и на Британија спроведуваат масовни поморски и копнени воени вежби, непосредно до границите на нивните ривали. Во вежбите севкупно ќе се вклучат илјадници војници, стотина тенка и авиони, како и десетина воени бродови

Глобалните сили демонстрираат моќ

Од Пацификот преку просторите на Европа, па сѐ до Алјаска, армиите на големите сили и од Истокот и од Западот спроведуваат серија воени вежби и демонстрираат моќ многу блиску до границите на нивните ривали. Медиумите пренесуваат дека неделава американски и британски трупи со нивните сојузници одржуваат воени поморски вежби на границите со Кина во Пацификот, а истовремено кинеската армија го чини сличното кај бреговите на Алјаска блиску до САД. Состојбата е слична и во Европа, каде што и на двете страни на источната границата на континентот има најави за воени маневри од страна на руските и европските војски.
Во меѓувреме сателитски фотографии, видео и други податоци направени од страна на американската крајбрежна стража, покажуваат дека четири брода на кинеската морнарица неодамна биле забележани во водите во близината на Алеутските Острови на Алјаска. Според американските медиуми, оперативната група на морнарицата на Народноослободителната армија, која се состои од бродови со крстосувачки ракети и софистицирано поморско оружје ја поттикна загриженоста на САД и на НАТО дека Пекинг се подготвува да испрати сили кон источното крило на американската морнарица. Американскиот магазин „Бизнис инсајдер“ информира дека кинеските воени бродови навлегле во ексклузивната економска зона на САД крај Алјаска, но и тоа дека тие неколку дена останале единствено во меѓународните води.

– Тие беа најблиску до американската територија како никогаш досега и пловеа во радиус од 30 километри од еден од Алеутските Острови – наведува магазинот.
Како одговор на ова воено јакнење на Кинезите крај крајбрежјето на САД, британската кралска флота, придружувана од американски, индиски, но и холандски крстосувачи минатата недела, пристигна во Јапонија и во Јужна Кореја, како дел од воените поморски вежби што треба да се одржат таму, но и како одговор на зголемените активности на Кина во регионот. Магазинот „Брисел морнинг“ пишува дека групата се состои од десетина брода, над 40 авиони и 4.000 члена на посадата. На ваквиот чекор, но и на распоредувањето на американските поморски сили во Јужно Кинеско Море и Пацификот, Кина реагираше предупредувајќи ги САД и партнерите да ги држат своите воени арсенали подалеку од нејзините граници, нарекувајќи го нивното распоредување во Тихи Океан провокација наменета за тестирање на нервите на Кина.
Аналитичарите го нарекуваат вклучувањето на Јапонија и на Ј. Кореја во вежбите на Пацификот значаен пресврт во продлабочувањето на безбедносното партнерство меѓу Вашингтон, Лондон, Токио и Сеул. Експертите исто така на тоа гледаат како сигнал дека премиерот на Јапонија, Јошихиде Суга, ја отфрла загриженоста за кинеската чувствителност и се доближува кон Вашингтон и неговите сојузници. Џеф Смит, специјалист за Јужна Азија и поранешен член на Советот за американска надворешна политика во Вашингтон, мисли дека Токио, но и Сеул се поттикнати од фактот дека „Кинезите само почитуваат сила“, па поради тоа овие две земји сега се фокусираат на градење сопствени сили и партнерства со западните пријатели.

Во меѓувреме, во седиштето на НАТО деновиве се редат кризни состаноци поради засиленото распоредување руски и белоруски војници на границите на Украина и Европа. Како што пренесува германски „Дојче веле“, на 14 воени полигони за обука во Русија почнаа заедничките стратегиски воени вежби на Москва и на Минск „Запад-2021“. Според руското министерство за одбрана, маневрите се изведуваат на девет руски полигони и на пет белоруски, а вежбите се одржуваат на територијата од Балтичко Море до областите блиску до Европа. Истовремено, како одговор на ова воено јакнење на руските воени единици по должината на границата со Европа, НАТО, предводено од САД, деновиве планира да распореди неколку илјади војници и дополнителни единици оружје и воена опрема во близината на руските граници.