Комора за егзекуции во затворот Сан Квентин, Калифорнија

Гувернерот на сојузната држава Калифорнија во САД Гевин Њусом најави мораториум на екзекуциите на затворениците кои се осудени на смртна казна. Во сојузната држава моментално има 737 затвореници кои се осудени на смртна казна и очекуваа егзекуција, пренесува Би-би-си.

Медиумите во САД пренесоа дека гувернерот Њусом денеска ќе го потпише мораториумот, опишувајќи ја смртната казна како неконзистентна во однос на темелните човечки вредности. Калифорнија нема егзекутирано ниту еден затвореник уште од 2006 година, а од тогаш до денес во повеќе судови во сојузната држава се водеа битки за методите на екзегуциите.

По потпишувањето на мораториумот, ниту еден осуден нема да биде амнестиран и пуштен на слобода и сите затвореници ќе продолжат да служат доживотни затворски казни.

Гувернерот Њусом во јануари оваа година дојде на власт, а забраната за извршување на смртни казни му беше едно од главните ветувања во кампањата.

– Не верувам дека цивилизирано општество може да тврди дека е лидер во светски рамки доколку се продолжи со егзекуциите – рече гувернерот на Калифорнија Њусом.

Со оваа одлука ќе се повлече од употреба и смртоносната инекција и ќе се затвори комората за егзекуции во затворот во Сан Квентин во сојузната држава.

Во 2012 и 2016 година имаше две гласачки иницијативи во Калифорнија за целосно укинување на смртната казна, но и двете не успеаја да добијат мнозинство гласови, а сегашниот гувернер тогаш ги поддржа и двете иницијативи.

Гувернерот нема ингеренции целосно да ја укине легислативата за смртната казна од 1978 година, а следната можност ќе биде на изборите во 2020 година. Одлуката на Њусом ќе важи сè до завршувањето на неговиот мандат во јануари 2023 година.

Во Калифорнија, повеќе од 900 луѓе се осудени на смртна казна од 1978 година, но само 13 лица се егзегутирани. Во затворите, 79 осуденици на оваа мерка починале од природна смрт, а 26 извршиле самоубиство.

Смртната казна во САД

– Смртната казна е легална во 30 сојузни држави во САД

– Од 1976, сојузната држава Тексас има спроведено најмногу егзекуции (560), Вирџинија (113) и Оклахома (112)

– Моментално во САД има 2.738 затвореници осудени на смртна казна

– Калифорнија има највеќе осуденици на смртна казна (737), но има извршено само 13 егзекуции од 1976 година