Поранешниот боливиски претседател Ево Моралес отпатува за Мексико откако му беше одобрен азил, изјави мексиканскиот министер за надворешни работи Марсело Ебрард. 

– Моралес веќе е во мексиканскиот владин авион, испратен за да му овозможи безбедно патување до нашата земја – рече Ебрард.

Потегот на тамошната власт го зацврсти статусот на Мексико како бастион за поддршка на левичарските лидери од Јужна Америка, пренесува Ројтерс. 

Боливискиот претседател Ево Моралес пред два дена соопшти дека поднесува оставка за „доброто на земјата“ , откако командантот на вооружените сили тоа го побара од него.Моралес повика на итни разговори со опозицијата заради повеќенеделните немири кои ја потресуваат оваа земја. 

Најавата за демисија од функцијата доаѓа откако командантот на боливиските вооружени сили Вилијамс Калиман апелираше до Моралес да ја напушти функцијата за да се обезбеди мир во земјата. Вооружените сили на Боливија претходно соопштија дека наредиле воздушни и копнени операции за „неутрализација“ на вооружените групи кои делуваат надвор од законот.


Трамп: Случувањата во Боливија испраќаат јасен сигнал во Венецуела и Никарагва

Претседателот на САД, Доналд Трамп изјави дека оставката на боливискиот лидер Ево Моралес ја чува демократијата и го отвора патот да се слушне гласот на боливискиот народ.

Тој рече дека случувањата во Боливија им испраќаат јасен сигнал на Венецуела и Никарагва дека демократијата и волјата на народот секогаш победуваат.