Во Мозамбик, кој неодамна беше погоден од разорниот циклон „Идаи“, регистрирани се случаи на колера, најмногу во пристанишниот град Беира, соопшти Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина.

– Меѓу хуманитарните организации на терен расте загриженост од потенцијална епидемија. Веќе се пријавени неколку случаи на колера заедно со зголемен број на инфекции со маларија кај граѓаните кои се погодени од поплави – стои во соопштението.

Колерата се шири поради нечистотијата во отпадните води или во храната и таа може да избувне брзо кога доаѓа до хуманитарна криза, поради нефункционирање на санитарните системи.