Смртоносен инцидент во Минеаполис го актуелизира прашањето

Шефот на полицијата во Бруклин Сентер во Минесота, САД, каде што 20-годишниот афроамериканец Донте Рајт завчера бил смртно застрелан од 26-годишната полициска службеничка Кимберли Потер, кажа дека станувало збор за несреќа, бидејќи полицајката сакала да употреби тазер, но наместо тоа пукала од нејзиниот пиштол, по грешка, пренесува „Њујорк тајмс“.

Тазерите кои претставуваат електрошоково оружје, изгледаат поинаку од пиштолите, а повеќето полициски единици во САД имаат стандардизирани протоколи со цел да спречат да дојде до ваква забуна. Не е познат точниот модел на пиштолот и тазерот кои ги носела полицајката во Бруклин сентер, но тие обично се разликуваат по изгледот, големината и обликот. Тазерите вообичаено се со светли бои за да се разликуваат од пиштолите. Моделите на пиштоли „глок“ кои ги користи полицијата во Бруклин Сентер исто така се разликуваат од тазерите, а имаат и безбедносен механизам. Згора, според протоколот, пиштолот и тазерот се носат на различни страни, за да не дојде до забуна.

– Ако имате соодветна обука, би требало да ги разликувате – вели пензионираниот наредник од полицијата во Лос Анџелес, Скот Дефо.

Жртвата била застрелана на семафори, на околу 15 километри од судницата каде што се одвива судењето на поранешниот полицаец Дерек Шовен, обвинет за убиството на Џорџ Флојд. Рајт бил запрен од полицијата поради управување со возило со истечена регистрација, а потоа и приведен откако полицајците увиделе дека има налог за негово апсење, во врска со прекршок за поседување на оружје.

На видеоснимката од полициската камера, се забележува дека при обидот на полицајците да му стават лисици на Рајт, тој ненадејно се наведнува кон внатрешноста на неговиот автомобил, а полицајката потоа вперува оружје кон него, додека повеќепати извикува – тазер! Таа потоа истрелува еднаш, по што Рајт испушта болен крик. Потоа се слуша како полицајката плаче по сознанието дека го застрелала Рајт.

Во изминатите 20 години забележани се неколку слични инциденти на збрка со тазерите и пиштолите од страна на полицијата во САД (последните се во 2015, 2018 и во 2019 година). А во шест од деветте слични случаи, полицајците ги носеле двете оружја на истата страна од телото, на која е нивната доминантна рака. Во таквите случаи полицајците добивале блага затворска казна или пак биле ослободувани од обвиненијата, според досегашната практика.