Џихадистите од ИД и нивните сојузнички групи се товарат за повеќе злосторства, вклучувајќи и масовни егзекуции на илјадници заробеници, киднапирања и огромен број случаи со силувања. По Шведска, и сириските Курди побараа формирање меѓународен трибунал за судење на злосторствата на илјадници осомничени џихадисти

Сириските Курди побараа формирање меѓународен трибунал за судење на злосторствата на илјадници осомничени џихадисти од Исламската држава (ИД). Курдските сили, поддржани од проамериканската коалиција, заробија илјадници терористи од ИД, меѓу кои и околу илјада странски џихадисти. Претходно, и Шведска повика на основање трибунал за истрага на државјаните на ЕУ што се враќаат од терористичките групи и се осомничени за воени злосторства. Џихадистите од ИД и нивните сојузнички групи се товарат за повеќе злосторства, вклучувајќи и масовни егзекуции на илјадници заробеници, киднапирања и огромен број случаи со силувања, пренесуваат светските агенции.

Абдул Омар, функционер во курдската администрација во северна Сирија, изјави дека курдските сили се обидуваат да се справат со илјадниците џихадисти заробени по падот на последната енклава на ИД во Багуз.

– Потребно е формирање специјален меѓународен трибунал во североисточна Сирија за судење на терористите. Овие судења мора да бидат спроведени праведно и во согласност со меѓународното право и конвенциите за човекови права – се наведува во соопштението на курдската администрација.

Според Омар, проблемите за курдската администрација се уште поголеми поради фактот дека само неколку земји прифатија репатријација на нивните граѓани што се бореа во редовите на ИД. Многу западни влади, според Би-би-си, одбија да ги прифатат назад своите граѓани поради стравот од потенцијалните безбедносни ризици, како и поради предизвиците од собирањето докази за поддршка на судењата.

Проамериканските сили соопштија дека од јануари заробиле над 5.000 џихадисти од Сирија и странство и оти се притворени во посебни центри, додека, пак, жените и децата се чуваат во кампови за раселени лица. Според курдските претставници, над 9.000 роднини на странските џихадисти од ИД се сместени во кампот Ал Хол, со кој раководат Курдите.

Претходно, шведските премиер Стефан Лофен исто така побара меѓународен трибунал за џихадистите од ЕУ што се бореа во Сирија и Ирак.

– Ова е чисто и ритуално зло и тие што се виновни за тоа мора да преземат одговорност. Ако сторите воено злосторство или тероризам, мора да одговарате за таквото злосторство, без разлика што ќе се случи – порача Лофен.

По геноцидот во Руанда, Советот за безбедност на Обединетите нации формира меѓународен трибунал за судење на осомничените за воени злосторства и кршење на меѓународното право. Истиот медот беше искористен и по војните на просторот на поранешна Југославија, со основањето на Хашкиот трибунал за злосторства. Шведска сега повикува сличен пристап да биде искористен и со оние што се бореа на страната на ИД во Сирија и во Ирак. Шведските медиуми оценуваат дека овој трибунал би можело да изгледа поинаку од претходните поради различните фактори, како што е и вмешаноста на сириските власти.

Од 2002 година, Меѓународниот кривичен суд (МКС) служи како постојан меѓународен трибунал, Римскиот статут со кој беше формиран не е ратификуван од Сирија. Но Џоел Хубрехт, експерт за транзициска правда, смета дека се мали шансите за формирање таков трибунал.

– Идејата за меѓународен кривичен трибунал е релевантна и интересна. Но, во североисточна Сирија таа не е реалистична – истакнува Хубрехт.
Според него, тоа се должи на повеќе фактори.

– Администрацијата на сириските Курди не е меѓународно признаена, основањето таков трибунал обично трае долго и многу е тешко обезбедувањето заштита на сведоците во земја уништена од војна – додава Хубрехт.

Американскиот претставник за Сирија, Џејмс Џефри, во понеделникот порача дека фокусот сега е на репатријација на милитантите и поттикнување на земјите да ги примат назад своите странски терористички борци.

– Ирачаните и Сиријците треба да бидат испратени дома за дерадикализација и реинтеграција, а во некои случаи и за казнување, додека земјите низ светот треба да бидат охрабрени да ги примат назад сопствените граѓани – истакна Џефри.
Запрашан за тоа дали САД размислуваат за меѓународен трибунал, Џефри додаде дека администрацијата во Вашингтон не го разгледува тоа прашање сега.

Од друга страна, неодамна пред МКС беа поднесени првите тужби против сирискиот претседател Башар ал Асад. Тужбите беа поднесени од адвокати за човекови права, во име на 28 сириски бегалци во Јордан, кои тврдат дека биле принудени да ја напуштат Сирија. Правните тимови бараат МКС да ги истражи можните злосторства против човештвото сторени од почетокот на сириската граѓанска војна во 2011 година. Сирија не е потписничка на Римскиот статут, што значи дека не е можно да се отвори меѓународен кривичен случај против нејзината влада. Но адвокатите се повикаа на неодамнешниот преседан во пресудата на МКС за бегалците Рохинзи во Бангладеш, при поднесувањето на тужбата против Асад. Во септември, судиите на МКС пресудија дека иако Мјанмар не е членка на судот, Бангладеш е, и поради тоа што дел од наводното злосторство се случило на бангладешка територија, обвинителот има јурисдикција. Тужбите против Асад се поднесени врз истиот принцип, бидејќи Јордан, каде што се засолниле бегалците, потпаѓа под јурисдикција на МКС.

[email protected]