Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ја испрати армијата за да ги запре насилните протести против полициската бруталност и расизмот во земјата. Бројот на протестите предизвикани од смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд при неговото апсење од полицијата во Минеаполис уште повеќе се зголеми, но во меѓувреме се намалија насилствата низ градовите.
Трамп порача оти ќе испрати војска доколку градовите и сојузните држави не успеат да го решат проблемот со насилствата. Но повеќе гувернери нагласија дека федералната влада нема надлежност да испраќа армија без дозвола од сојузните држави. Изјавата на Трамп отвори правни дилеми во САД, на што експертите велат дека претседателот може да ја испрати армијата под одредени услови. Веќе се распоредени илјадници припадници на Националната гарда, која е резервен состав на армијата на САД. Тие дејствуваат во над 20 сојузни држави во САД, кои се обидуваат да ги смират протестите, но овие сили ги побарале самите градови или држави.

Американски закони од 19 век ги наведуваат условите во кои Владата во Вашингтон може да интервенира без согласност од сојузните држави. На пример, еден закон вели оти не е потребно одобрување од гувернерите кога претседателот смета оти состојбата во некои држави го оневозможува спроведувањето на американските закони или кога се загрозени правата на граѓаните. Друг закон бара одобрување од Конгресот за домашна употреба на армијата на САД, но правен експерт за Би-би-си вели оти првиот закон сам по себе му дава доволно законско право на претседателот да ја распореди армијата. Експертите велат оти претседателот во конкретниот случај има право да ја употреби армијата, без да бара одобрување од државите.

Според службата за истражување на Конгресот, законот се користел десетици пати во минатото, иако не во изминатите речиси три децении. Последен пат е користен во 1992 година од бившиот американски претседател Џорџ Буш Постариот за време на безредијата во Лос Анџелес. Законот е користен во 1950-тите и 1960-тите години за време на движењето за граѓански права од три различни претседатели, дури и кога имаше забелешки од гувернерите. Од крајот на 1960-тите, неговата употреба е ретка. Конгресот го измени во 2006 година по ураганот Катрина за да ја направи поефикасна воената помош, но амандманот беше укинат откако се спротивставија гувернерите на сојузните држави.