Британските пратеници одлучија да ја преземат контролата на процесот за брегзит од рацете на премиерката Меј, прифаќајќи го амандманот за т.н. индикативно гласање. Пратениците сега сами ќе решаваат за опциите за брегзит, вклучувајќи и нов референдум за излегувањето на Британија од Европската Унија

Британскиот парламент, во обид да најде излез од ќор-сокакот за брегзит, ѝ нанесе уште еден тежок пораз на премиерка Тереза Меј. Па, така, британските пратеници одлучија да ја преземат контролата на процесот за брегзит од рацете на премиерката Меј, прифаќајќи го амандманот за т.н. индикативно гласање. Пратениците сега сами ќе решаваат за опциите за брегзит, вклучувајќи и нов референдум за излегувањето на Британија од Европската Унија. Парламентот денес треба да гласа за можните опции, меѓу кои се и отповикување на брегзит, поддршка на планот на Меј и поддршка на брегзит без договор, пренесуваат светските медиуми.
Парламентот, со 392 гласа „за“ и 302 „против“, го поддржа амандманот за да има време за индикативните гласови. Владата во Лондон ја искритикува одлуката на парламентот како опасен и непредвидлив преседан за иднината. Министерот за здравство Мет Хенкок предупреди дека опциите за брегзит се намалуваат откако пратениците одлучија да ја преземат контролата врз процесот.

– Владата ќе ги слушне пратениците, но не може однапред да се обврзе дека ќе го следи тоа што ќе биде изгласано – истакна Хенкок.

Според него, Долниот дом на парламентот веќе го отфрли брегзит без договор и одржувањето втор референдум. Хенкок ги повика пратениците да го поддржат договорот за брегзит што Меј го постигна со Брисел.

Пратениците денес ќе може да гласаат за повеќе опции, најверојатно и за мек брегзит, царинска унија со ЕУ и нов референдум, кои се дизајнирани за да ја тестираат волјата на парламентот за да се види што ќе добие мнозинство. Премиерката Меј порача дека е скептична за процесот, бидејќи не е гарантирано дека ќе се обезбеди мнозинство за некоја од опциите, и оти нема да ја обврзе Владата да ги почитува резултатите.
– Гласањата може да доведат до исход за кој не може да се преговара со ЕУ – истакна Меј пред пратениците.

Според Хенкок, парламентот е апсолутно јасен дека нема да дозволи брегзит без договор и оти ќе донесе закони против таквата опција ако е потребно.
– Тоа значи дека опциите се намалуваат. Затоа, оние што сакаат да излеземе и оние што претходно гласаа против договорот, затоа што претпочитаа брегзит без договор, сега би било најдобро да го поддржат договорот на премиерката, за да се реализира брегзит – додаде Хенкок.

Џејкоб Рис Мог, шеф на евроскептичната група на ториевски пратеници, е дел од пратениците поддржувачи на брегзит, кого премиерката се обидува да го убеди да го поддржи нејзиниот договор.

– Отсекогаш сметав дека брегзит без договор е подобар од договорот на Меј, но, сепак, договорот на Меј е подобра опција отколку воопшто брегзит да не се случи – истакна Рис Мог.

Координаторот на Европарламентот за брегзит, Гај Верхофштад, порача дека е задоволен од изгласувањето на амандманот во британскиот парламент, бидејќи тоа сега значи оти е можно да се работи на меѓупартиски предлог.

Британските пратеници досега имаа повеќе шанси да гласаат за различни опции за брегзит, вклучувајќи одржување нов референдум, излегување од ЕУ без договор и формирање царинска унија. На тоа претходно укажа и премиерката Меј.

– Досега имаше гласање во овој парламент за некои од другите предлози што беа изнесени, и сите тие еднакво беа одбиени – порача Меј пред парламентот.

Но сите овие предлози беа дел од различни делови на закони или дебати, па така различните предлози сѐ уште не се разгледани еден по еден и тоа во ист контекст, особено што сега пратениците по сѐ изгледа ќе може слободно да гласаат.
Неделава исто така се очекува парламентот да усвои закон за одложување на датумот за брегзит, кој засега останува 29 март.


Што се индикативни гласови?

Британските пратеници одлучија да се обидат да го одглават процесот на брегзит преку одржување серија индикативни гласања. Индикативно гласање е кога пратениците гласаат за серија опции, дизајнирани да ја тестираат волјата на парламентот, за да се види дали и што ќе добие мнозинство. Во случајот со брегзит, поддржувачите на индикативното гласање веруваат дека тоа може да обезбеди излез од сегашната политичка блокада. Во текот на индикативното гласање, пратениците ќе добијат лист хартија и ќе можат да гласаат за онолку опции, колку што се подготвени да поддржат.