Терористичките напади врз САД во 2001 година предизвикаа тектонски промени во меѓународната политика. Дали пандемијата на коронавирусот може да предизвика исти такви промени на глобалната сцена?

Дали по пандемијата на ковид-19 влеговме во „нова ера“ во меѓународните односи и дали 2020 година ќе биде како 2001 година, кога по терористичките напади на 11 септември, САД почнаа глобална војна против тероризмот, која предизвика драматични промени во светот што се чувствуваат до денес, анализира Николас Гвоздев, уредник на американскиот магазин „Нешнел интерест“.
Голем број експерти велат дека кризата со новиот коронавирус смени сè и дека оваа чума означува јасна поделба меѓу неизвесната сегашност и претходната ера, која се означуваше како период по 11 септември. Дали, на пример, во иднина, кога ќе продолжи да се лета, безбедносните власти помалку ќе бидат загрижени за количеството течности што би можеле да се носат на авионите и повеќе ќе бидат насочени кон тоа дали носиме маски? Истовремено, скенерите за тела на аеродромите можеби ќе треба да се преработат за да откриваат здравствени состојби и телесни температури наместо скриено оружје.

Веднаш по терористичките напади на 11 септември 2001 година, се постави прашањето дали борбата против Ал каеда и меѓународниот тероризам ќе станат нов централен организациски принцип на надворешната политика на САД. Избрзаниот напад на Ал каеда на Осама бин Ладен, резултира со ретка конвергенција, при што во преостанатите месеци од 2001 година, САД, нивните сојузници во НАТО и партнери во Источна Азија, но и Иран, Русија, Кина, Индија и Саудиска Арабија, ги усогласија ставивте во врска со заканата од Ал Каеда. Таа успеа барем накратко да го запре големиот натпревар на суперсилите.

Кога зборува за пандемијата, Бил Гејтс би можел да ги повтори изјавите дадени од бившиот претседател на САД Џорџ Буш и едноставно зборот „тероризам“ да го замени со „коронавирус“. Гејтс смета дека заканата од оваа пандемија ги обединува сите земји во заедничка борба и дека искоренувањето на оваа мака треба да стане централна задача на надворешната политика на секоја земја. Ако борбата против тероризмот го губи сјајот, а ставот дека САД по 11 септември имаа поголеми закани од помалите нефункционални земји отколку од големите сили, сега е заменет од враќањето на големата борба меѓу суперсилите, дали тогаш коронавирусот ќе ги натера земјите да се откажат од политиката на моќ и да стават поголем нагласок на здравството и човечката безбедност?

Коронавирусот има големо влијание врз светот. Пандемијата ги тестира постојните врски во НАТО и ја оспорува актуелната глобализација. Таа ги предизвикува принципите на актуелниот глобален пазар за обезбедување стоки и услуги неопходни и за просперитет и безбедност. Но засега нема шокови како по 11 септември, што би довеле до прекин на актуелниот поредок. Короната не ја натера Северна Кореја да престане со ракетните тестови, Иран да се откаже од нуклеарната програма, Кина да ја нагласува доминацијата во Јужно Кинеско Море или Русија да се откаже од Крим. Коронавирусот не станува централен принцип на организирање, туку е уште еден фактор со кој земјите мора да се справат додека ја утврдуваат својата надворешна политика.

Исто така, сите држави не гледаат иста штета предизвикана од пандемијата. Она што може да се види во моментот е мешавина од соработка и судир, засновано на тоа како секоја голема сила ги оценува своите интереси. Кина и Русија нема да се колебаат да ги искористат предностите од сите можни слабости што ги создал коронавирусот кај САД и нивните сојузници. Истовремено, САД нема да се разочараат ако коронавирусот им нанесе внатрешнополитички штети на кинескиот и на рускиот лидер, Си Џинпинг и Владимир Путин. Кина веќе ја охрабрува Европа да се дистанцира од САД, а САД се надеваат дека пандемијата ќе ги зајакне повиците за раздвојување на Западот од Кина.

Затоа, оценува Гвоздев од „Нешнел интерест“, тешко може да се зборува дека коронавирусот ќе предизвика огромна промена во меѓународните односи. Коронавирусот е настан што со години се очекуваше да се случи, иако не се знаеја точната причина или време. Ако сме во нов период на глобални односи и ако повеќе не сме во периодот по 11 септември, тогаш таа промена се случува постепено. Пандемијата нема да стави крај на конкуренцијата во анархичниот глобален систем, туку ќе биде само уште еден фактор.