Автор: Мичел Блат

Нешенел интерест

Сега е многу поволно да летате во Кина, ако не ве плаши ризикот од коронавирусот.
Авиобилети од Пекинг до Гвајан од каде што можете да земете автобус за да го посетите прекрасниот водопад, чинат помалку од 12 долари што е помалку од една десетина од цената на билетите за брзи возови меѓу овие два града. Во целата држава почнаа да паѓаат цените на авиобилетите, кои сега се значително поевтини од железничките билети со кои се патува многу подолго. На пример, летот од Шангај до Гвангџоу трае два и пол часа и чини 17 долари, а железничкиот билет чини 114 долари и патот трае седум до осум часа.

Билетите до Чонгчин, град со своја самоуправа во југозападниот дел на државата и воедно е познат по планинските предели и одличната кујна, се едни од најниските во Кина. Како што пренесе „Чајна јут дејли“ според кој билетот меѓу Шенжен и Чонгчин чини помалку од цената на оброк во Мекдоналдс. Побарувачката се намалила за 80 отсто во изминатиот месец, а поштенските услуги се намалени за 12 отсто, според бројките на државното поштенско биро на Кина.

На светско ниво, авиопревозниците губат многу пари поради коронавирусот. Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт процени можна загуба од над 100 милијарди долари што е речиси 20 отсто од вкупната заработка. Повикувајќи се на туристичките агенции, „Форбс“ пренесе дека продажбата на билети се намалила за 13,4 отсто во светот и за околу 1,3 отсто во САД. Откако во САД беа регистрирани над 140 случаи на вирусот, американските авиопревозници ги намалија цените и ги укинаа таксите за домашните летови. Џеј Витфилд Лараби, адвокат од Масачусетс, на Твитер објави дека „цените на авиобилетите и луксузните крстарења значително ќе се намалат во наредните шест месеци што е одлична можност за евтино патување“.
На удар се најдоа и акциите во авиокомпаниите, па така „Јунајтед ерлајнс“ и „Американ“ изгубија над 40 отсто од нивната вредност од средината на јануари поради појавата на коронавирусот во САД.

Дали да се искористат овие понуди за патување или да се остане дома? Коронавирусот во САД не е премногу раширен за да се откажат турите, за разлика од Кина или друга ризична држава. Оваа недела, Кина најави задолжителен карантин во државни објекти за сите што ќе пристигнат од други високоризични држави. Ако сакате да летате од Јужна Кореја за Кина, погрижете се да имате книги за 14 дена.

Превод: Билјана Здравковска