Поранешната висока комесарка на ЕУ и шефица за дипломатија, Федерика Могерини е именувана за ректорка на Колеџ на Европа и на нова должност ќе стапи на 1 септември.

Нејзиното именување го одобри мнозинството членови на советот на Колеџот, а еден бил воздржан, пренесе „Политико“.

Со Советот, кој е највисок извршен орган на Колеџот, претседава поранешниот претседател ма Европскиот совет Херман ван Ромпуј, а Могерини е избрана наспроти противењето на одделни предавачи и претставници на ЕУ, кои сметаат дека таа не е квалификувана за таа работа и дека не ги исполнува критериумите.

Таа е избрана денеска откако беше претставена пред Советот, како единствен кандидат за тоа место и ќе биде првата жена ректор на Колеџот со седиште во Бриж и кампусот во Полска.

Минатите години за избор на ректор се пријавиле 30 кандидати, а условите биле мастер диплома. Дека Могерини е заинтересирана за тоа место се дознало откако Европската комисија на 22 април објавила официјално одобрување на нејзината пријава.