Хонгконг сè уште се опоравува од нападот спроведен од голема група на луѓе облечени во бели маици, кои брутално натепаа демонстранти кои се враќаа од протест, пренесува „Асошиејтед прес“.

Шест лица се уапсени, а полицијата потврди дека некои од нив имаат поврзаност со криминални банди, без дополнително објаснување. Неочекуваниот напад предизвика силни шпекулации за позадината на нападите, мотивот и можната политичка поврзаност на групата.

– Дел од напаѓачите носеа маски, други не. Сите беа облечени во беи маици, како контраст на црната боја на облеката на демонстрантите, вооружени со дрвени и метални палки со кои замавнуваа кон луѓето кои се враќаа од протестот – потсеќаат на настанот од „Асошиејтед прес“.

По пристигнувањето на полицијата, групата веќе беше разбегана, а резултат од нападот беа 45 повредени лица.

Потврдата од полицијата дека дел од напаѓачите може да се поврзат со криминалните банди индицира дека нападот е нарачан и спроведен за пари. Локални експерти сметаат дека бандите во Хонгконг би спровеле ваков напад за околу 1 милион долари, пари кои ќе легнат на сметките на лидерите, додека напаѓачите  би заработиле по 250 долари за нивната валкана „работа“.

Останува нејасно кој ги платил напаѓачите, поради фактот што плаќањата се извршуваат преку посредници. Лидерката на Хонгконг, Кери Лам, ги отфрли обвинувањата дека постоела соработка меѓу полицијата и бандата, а експертската јавност смета дека овој принцип на ангажирање на банди за заплашување на демонстранти е вообичаен за некои земји во Азија.