Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) е подготвен да ја спаси економијата на Венецуела, но таа задача е толку тешка што е потребна помош и од меѓународната заедница, изјави синоќа директорката на ММФ, Кристин Лагард.

– Штом добиеме барање од легитимните власти во таа држава да дојдеме и да и помогнеме, тогаш и ќе го направиме тоа, посочи Лагард.

ММФ се уште не се има изјаснето дали го поддржува претседател на Венецуела, Николас Мадуро или привремениот шеф на државата Хуан Гуaидо.

Лагард потенцијалната економска помош за Венецуела ја нарече „неверојатна задача“, бидејчи ММФ ќе мора да собере прилично информации, кои поранешниот претседател на Венецуела Уго Чавез и неговиот наследник Мадуро одбиваа да ги споделат со Фондот.

Лагард истакна дека вкупната сума што треба да и биде доделена на Венецуела е „значителна“, но не наведе бројка.

Според ММФ, економијата на Венецуела е намалена за повеќе од половина во споредба со 2013 година.

Според Обединети Нации поради хиперинфлацијата и недостигот на храна и други артикли најмалку три милиони граѓани ја напуштиле Венецуела.