Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутреш ја предложи поранешната чилеанска претседателка Мишел Бачелет за нов висок комесар на ОН за човекови права, соопштија денеска дипломатски извори во седиштето на Светската организација.

Прес-службата на ОН соопшти дека не може да ја потврди оваа информација, нагласувајќи само дека името на кандидатот за нов висок комесар за човекови права е доставено до Генералното собрание на Светската организација.

Согласно процедурата во ОН, високиот комесар за човекови права го предлага генералниот секретар, но изборот мора да го потврди Генералното собрание.

Бачелет беше претседателка на Чиле во два мандата од 2006 до 2010 и од 2014 до 2018 година. Ова не би бил нејзин прв ангажман во Светската орагнизаиција, бидејќи од 2010 до 2013 година беше раководител на Агенцијата на ОН за рамноправноста на половите.

На местото висок комесар на ОН за човекови права Бачелет би требало да го наследи Јорданецот Зеид Раад ел Хусеин, чиј мандат истекува на 31 август.