Пратеникот на Обединетите нации за Сирија, Стафан де Мистура денеска во Москва изјави дека ОН се залагаат инспекторите на Организацијата за забрана на хемиското оружје (ОПЦВ) да ја завршат својата работа во сирискиот град Дума, за каде постои сомнеж дека на 7 април е извршен хемиски напад. 

Де Мистура по состанокот со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека ОН се залагаат инспекторите да го истражат „местото на хемискиот напад“, што е можно побрзо и без никакво попречување. 

Според тврдењата на сириските бунтовници, сириските владини сили извршиле напад со хемиско оружје на Дума во реонот на Источна Гута, при што загинале најмалку 40 лица.