Понудена е награда од еден милион долари за решавање на убиството на Марија Смит

Австралиската полиција нуди награда од еден милион долари за информации што ќе доведат до решавање на случајот на убиството на учителката Марија Смит (20), во Сиднеј во 1974 година, што со децении ја мачи тамошната јавност, пренесува австралискиот интернет-портал „Њуз“.

Се верува дека убиецот затропал на вратата на домот на Смит, утрото на 22 април 1974 година, по што младата девојка ја отворила вратата, не знаејќи дека и се заканува опасност. Убиецот побарал пенкало и хартија, а ја нападнал жртвата кога таа му го свртела грбот, според информациите на полицијата.

Телото на Смит го пронашол нејзиниот сопруг, со кого била осум недели во брак, кога се вратил од работа. Таа била врзана, силувана и задавена во убиството кое полицијата го опиша како „грозоморно“.

Ова е втор случај во историјата на сојузната држава Нов Јужен Велс, за кој властите нудат награда од еден милион долари.

– Убиството на Марија имаше огромно влијание врз заедницата во тој период, но тоа не е споредливо со страдањето на нејзиното семејство во изминатите 44 години – вели детективот Скот Кук.

Полицијата има повеќе тероии за мотивот за убиството, меѓу кои се спомнуваше и поврзаноста со друг случај, но не успеа да покрене обвинение. Линет Вајт била убиена на сличен начин, во местото Коги на 8 јуни 1973 година, кога убиецот дошол на нејзината врата и побарал чаша вода, откако сопругот на жртвата заминал на работа. Убиството на Вајт, која живеела на оддалеченост од три километри од Марија Смит, никогаш не било решено, и покрај понудената награда од 100 илјади долари.

Полицијата, сепак, смета дека не станува збор за ист убиец и води одделни истраги во случаите.

Линет Вајт и нејзиниот сопруг

– Сите информации од заедницата што можат да бидат од корист во истрагите и што ќе овозможат семејствата на жртвите да добијат одговори, се добредојдени. Истражителите повторно разговараат со повеќемина луѓе што беа во контакт со Марија во тој период, вклучувајќи ги пријателите и колегите  – кажа Кук.

Згора, полицијата соопшти дека повторно ќе отвори 500 случаи на неразјаснети убиства од последните четири децении, во обид да ги открие убијците со помош на модерната технологија што сега ја има на располагање.