Во Индија има смртни случаи од корона што не се евидентирани, но стапката на смртност е неоспорно ниска.

Некои веруваат дека е можно во Индија да е присутен помалку вирулентен вид од вирусот, а тука е и топлото време, кое ќе го намали неговиот интензитет. Сепак, овие две тврдења не се потврдени со докази, наведува „Би-би-си“. Всушност, лекарите што ги лекуваат пациентите од ковид-19 велат дека вирусот во Индија е исто толку вирулентен како и во другите земји во светот

Известувањата за коронавирусот во Индија од страна на светските медиуми се мешавина на олеснување и конфузија. Според „Би-би-си“, фокусот на овие пишувања е ставен на „мистеријата за ниската стапка на смртност во Индија“.
Два месеца по првиот регистриран случај, бројот на заболени од коронавирусот во втората најнаселена земја во светот ја надминал бројката од 27.000, со повеќе од 800 смртни случаи.
Единствен начин да се следи стапката на смртност е да се следат деновите што се потребни за да се удвојат вкупните смртни случаи. Во моментов за тоа се потребни девет дена во Индија, бидејќи на 25 април имаше 825 потврдени смртни случаи, а половина од тој број беа пријавени на 16 април.

Експертите велат дека ова е добра вест. Тие како споредба го земаат Њујорк, на пример, каде што во истата фаза од пандемијата, за двојно повеќе смртни случаи биле потребни само два или три дена.
Многу здравствени работници и лекари велат дека „карантинот“ во Индија, кој траел повеќе од еден месец, го држел под контрола бројот на заразени и на мртви. Додека други веруваат дека главно младата популација во Индија придонесува за намалување на смртните случаи, бидејќи постарите луѓе се поизложени и имаат поголем ризик од смрт.

Некои веруваат дека е можно во Индија да е присутен помалку вирулентен вид од вирусот, а тука е и топлото време, кое ќе го намали неговиот интензитет. Сепак, овие две тврдења не се потврдени со докази. Всушност, лекарите што ги лекуваат пациентите од ковид-19 велат дека вирусот во Индија е исто толку вирулентен како и во другите земји во светот.
Затоа, на прашањето дали Индија е невообичаена земја кога станува збор за смртните случаи од коронавирус, индиско-американскиот лекар и онколог Сидарта Мукерје вели дека не го знае точниот одговор, а исто така и светот не го знае одговорот.
– Тоа е мистерија, а би рекол дека дел од мистеријата е што не се правени доволно тестирања – вели лекарот.

Исто така, „Би-би-си“ потсетува дека анализите на „Фајненшл тајмс“ за вкупниот број смртни случаи за време на пандемијата во 14 земји покажале дека бројот на смртни случаи од коронавирусот може да биде дури 60 отсто поголем од официјалните бројки. Исто така, експертите посочуваат дека околу 80 отсто од смртните случаи во Индија се случиле во домашни услови, така што само бројот на смртните случаи од ковид-19 во болниците не го дава точниот број на починати во оваа земја.

Одредени индиски лекари соопштија дека многу луѓе умирале од симптоми на коронавирус, а не биле тестирани. Ако лицето имало температура и респираторни проблеми пред смртта, може да се сомнева во ковид-19, но тоа може да биде и нешто друго.
Во Индија можеби има смртни случаи од корона што не се евидентирани, но стапката на смртност е неоспорно ниска. Меѓутоа, прерано е да се каже дека земјата го намалила трендот, заклучува „Би-би-си“.