Американските безбедносни служби, но и Конгресот деновиве ги ставија под лупа повеќето алтернативни социјални мрежи во Америка на кои, меѓу другото, се регрутираат лица, но и се споделуваат крајно радикални десничарски содржини што поттикнуваат насилства и безредија. Една од многуте апликации што е во фокусот на службите е и тајната сајбер-алатка за комуникација Парлер

Нецел месец откако преку тајните социјални мрежи во САД се регрутираа конзервативните Американци и извршија напад на Конгресот, а подоцна поради тоа некои од тие мрежи беа исклучени од безбедносни причини, од неодамна тајната сајбер-алатка Парлер повторно е активна на американска почва. Имено, американските медиуми јавуваат дека безбедносните служби на САД повторно регистрирале повеќе социјални мрежи што се алтернативи на Твитер, на кои се регрутираат лица што со нивните радикални содржини споделени на мрежите поттикнуваат насилства и безредија.
Во меѓувреме, компанијата „Парлер“ преку соопштение објави дека нејзината страница сега е достапна за корисниците со веќе постојни сметки на платформата, а од идната недела ќе започне и со регистрација на нови корисници. Од компанијата информираа дека имаат нов привремен извршен директор, Марк Меклер, откако претходниот беше отпуштен во јануари.

– Претпочитаме отстранувањето на корисниците или содржината дадена од корисникот да се сведе на апсолутен минимум. Објавените информации и виденото ќе може да го слушне секој поединец – се наведува во упатствата на веб-страницата на компанијата.
Како што јавува „Блумберг“, Меклер во САД е познат по тоа што ја основа десничарската група „Ти парти патриотс“, која отворено го поддржуваше поранешниот претседател Доналд Трамп. Алтернативата на Твитер, Парлер, пред одредено време беше деактивирана од Амазон, откако мрежата одби да ги отстрани содржините што поттикнуваат насилство. Во исто време, и Гугл и Епл ја отстранија апликацијата на Парлер од нивните продавници.
Сега Парлер е и под лупа на американскиот Конгрес, од каде што по немирите во јануари побарале документи за нејзиното финансирање и работење.
Паралелно на ова, американските безбедносни служби во изминатиот период работат на разоткривање разговори на повеќе социјални алатки за комуникација меѓу кои и Телеграм, во кои се заговараат насилства и повторни нереди во земјата, јавуваат американските медиуми.
Што се однесува до апликацијата Парлер, таа беше позната по расистичките и екстремистички содржини, а стана прибежиште за конзервативните корисници чии сметки беа избришани од главните социјални мрежи како Фејсбук, Инстаграм и Твитер, главно поради несогласување со политиките за проверка на факти.
По изборите во САД, Парлер стана собирен центар на приврзаниците на Трамп за кампањата „Стоп де стел“, во која се тврдеше дека изборите се украдени од демократите, што подоцна, на 6 јануари, прерасна во смртоносен обид за пресврт на изборите.

Алтернативната социјална мрежа „згасна“ од интернет на 11 јануари, кога „Амазон“ како хостинг-провајдер ги прекина услугите за апликацијата.
По релансирањето, „Парлер“ својот домен го регистрира на „Епик“, компанија позната како засолниште на крајно десничарски веб-страници од Калифорнија.
Инаку, контроверзната социјална мрежа има над 20 милиони корисници и е основана во 2018 година, како простор за „слободен говор“. Таа низ годините во голема мера ги привлече конзервативците и крајно десничарските групи во САД, кои не се согласуваат со правилата за споделување содржина на другите социјални медиуми.