Огромен радиоактивен облак, до 100 пати поопасен од оној кој се создаде по катастрофата на нуклеарната централа во Фукушима во 2011 година, се прошири низ Европа во 2017 година. Тогаш, научниците тврдеа дека радијацијата доаѓа од руски нуклеарен објект, а властите во Русија отфрлија било каква вмешаност и одоговорност околу ситуацијата. 

Сега, најновото истражување потврдува дека првичното тврдење било точно. Според истражувањето на „Њу сајентист“, огромниот радиоактивен облак во Европа дошол од Русија, а алтернативното објасување дека причината за радијацијата било поради пад на сателит, според пишувањата на „Футуризам“, или е обид за прикривање или е дезинформација.

Во новата студија, тим на европски научници го поврзаа истекувањето на радијацијата со рускиот нуклеарен објект Мајак, лоциран меѓу планинатата Урал и реката Волга, пишува „Њу сајентист“. Русија тогаш ги отфрли тврдењата дека објектот Мајак е изворот на радијацијата, велејќи дека е невозможно изворот да биде оттаму, бидејќи нема траги од радиоактивниот изотоп рутениум, во почвата во близина на локацијата.

Но, при собирањето на податоците од 1.300 станици за мониторинг на радиоакитвност ширум Европа и споредувајќи ги со временските услови и движењето на воздухот во овој регион, тимот на научници потврди дека радиоактивниот облак дошол од јужен Урал.

Кога радиоактивниот облак првенствено беше детектиран, француските научници детерминираа дека не е опасен за луѓето во регионот.

– Ситуацијата со објектот Мајак и радиоактивниот облак е уште едно потсетување за европските научници дека имаат одговорност да ја следат руската нуклеарна индустрија за знаци на сериозни инциденти. Русија, исто како Советскиот Сојуз претходно, нема да бидат оние кои јавно ќе објават за ваква катастрофа – пишува Леонид Бершидски за „Блумберг“.