Кога голема експлозија го осветли небото над Техеран минатата недела, иранската влада бргу го окарактеризира случајот како експлозија на гас во воената база „Парчин“, кон која порано беше насочено вниманието на меѓународните инспектори кои ја испитуваа иранската нуклеарна програма, пренесува „Њујорк тајмс“.

– Се испостави дека тоа не е точно, бидејќи сателитските фотографии покажуваат дека експлозијата се случила во постројка за производство на ракети во близина на базата, за која постојат сомнежи дека е клучна за иранскиот арсенал на оружје – тврди американскиот весник.

Сателитските фотограии покажуваат траги од експлозијата на локацијата, но нејасно е дали причина за експлозијата била несреќа, саботажа или нешто друго. Американските и израелските разузнавачки служби инсистираат дека тие немаат никаква поврзаност со инцидентот.

Но, во Иран, каде што појавата на теории на заговор е честа, глетката на голема експлозија во источен Техеран бргу се рашири низ социјалните мрежи, каде што беше поврзана со веста за прекин во електроснабрувањето во Шираз. Градот оддалечен околу 960 километри јужно од Техеран исто така има значителни воени капацитети, а експлозијата и прекинот на електроснабдувањето се случија во приближно исто време во петокот.

Израелските разузнавачки служби, Мосад и Одбранбените сили, соопштија дека тие го истражуваат инцидентот и оти уште не донеле заклучкок дали се работи за несреќа или за саботажа. Но повеќе водечки лица од службите инстистираат дека Израел не е вмешан. Американските официјални лица истакнаа дека се сомневаат оти станува збор за саботажа.

Иранските медиуми ги негираа тврдењата за експлозијата во постројката за производство на ракети, велејќи дека таквите информации се пласирани од „непријателските медиуми“ кои се обидуваат да претстават дека иранските ракетни бази се подложни на напад.