Според пишувањата на американски магазин „Њујорк тајмс“, мистериозна болест позната во јавноста како „синдромот Хавана“, од засега неутврдени причини, го нападнала здравјето на околу 130 американски дипломати, разузнавачи и службеници насекаде низ светот. Тврдењата за тајно оружје што го предизвикува синдромот засега остануваат мит

Американските власти сѐ уште не можат да утврдат што е причината поради која повеќе од десетина дипломати, разузнавачи и официјални лица на Белата куќа изминативе недели поради здравствени проблеми се вратија во САД да побараат нега, откако пријавија симптоми што беа слични со таканаречениот синдром Хавана.
Ова, меѓу другото, во своја анализа го пишува угледниот американски магазин „Њујорк тајмс“, при што весникот наведува дека првите луѓе на Белата куќа се немоќни сѐ уште да утврдат зошто нејзините вработени страдаат од оваа мистериозна болест, која најчесто се опишува како повреда на мозокот.
Имено, последните пишувања на оваа тема станаа актуелни периодов, откако американските медиуми информираа дека тројца офицери на Централната разузнавача агенција (ЦИА) изминативе недели добиле сериозни симптоми на мистериозната болест, откако биле на задачи во странство, па затоа морале да се пријават во воената болница „Валтер Рид“ во Вашингтон, каде што се лекуваше поранешниот претседател Доналд Трамп кога се разболе од коронавирусот. Извештајот на Сенатот, кој го објавија американските медиуми, предупредува дека расте бројот на такви „напади“ врз американските службеници во светот, а „Си-ен-ен“ наведува дека се регистрирани најмалку два случаја во американската престолнина и дека тие се вработени во Агенцијата за национална безбедност и во Белата куќа.
– Ова е чин на војна – кажа Кристофер Милер, последниот секретар за одбрана во мандатот на претходниот американски претседател Доналд Трамп, зборувајќи за наводните напади врз дипломатскиот персонал и разузнавачите од страна на непознато „микробраново“ оружје.

Која е причината за влошување на здравјето

Инаку мистеријата, која започна во 2016 година во американската амбасада во Хавана, се прошири меѓу претставниците на американската влада и на други меридијани. Дипломатите се жалеа на притисок во главата, тинитус, губење на слухот, вртоглавица, дезориентација, несоница, малаксаност, главоболки и губење на рамнотежата. По Куба, примери за овој синдром почнаа да се појавуваат кај Американците во Кина, Австралија, Велика Британија, Русија, Полска, Грузија и во Тајван.
Дури и по пет години, не е јасно која е причината за проблемите, кои кај некои пациенти се опишани како траума на мозокот. Во меѓувреме се појавија разни теории од напад со радиобранови, преку микробранови и енергија на радиофреквенции, па дури работата отиде дотаму вирусот имаше и разговори дека причините за болеста се од психолошка природа.
Сепак, Американската национална академија на науките во декември минатата година објави дека нивно истражување покажало дека жртвите биле цел на „директни енергетски бранови“ и „микробранова радијација“. Споменатите научници не навлегуваа во тоа кој стои зад нападот и со каква било цел, но некои нивни колеги ја оспорија тезата за оружје врз основа на брановите, тврдејќи дека нема докази дека која било земја развила такво нешто.

Кој стои зад синдромот Хавана

Во меѓувреме, американската администрација официјално не обвини никого, но информациите што протекоа од разузнавачките служби се појавуваат во медиумите, каде што главно се спомнува Русија. „Гардијан“ на оваа тема пишува дека во тоа нема ништо изненадувачки, ако се знае дека односите меѓу двете земји се многу лоши и дека што Владата од Кремљ покажува со прст кон серија напади во Америка. Стејт департментот ја обвинува Москва за мешање во изборите меѓу Доналд Трамп и Хилари Клинтон, хакирање на мејловите на Демократската партија во 2016 година и напад во компјутерите на американските институции и компании, кои станаа познати на крајот на 2020 година. Оттаму ваквите обвинувања не се исклучок, оценува магазинот.
Сепак руското министерство за надворешни работи за „Би-би-си“ неодамна одговори на сите обвинувања дека ваквите „провокативни, неосновани шпекулации и неверојатни хипотези не можат да се сметаат за сериозна работа што заслужува коментар“. Засега ЦИА, Пентагон и Стејт департментот продолжуваат да спроведуваат истраги.