Азербејџан прогласи победа со склучувањето на договорот за крај на бруталниот конфликт со Ерменија во Нагорно Карабах. Русија, која посредуваше, исто така извојува победа

Авторка: Клара Фереира Маркез

Блумберг

Со тристраниот договор меѓу Азербејџан, Ерменија и Русија веројатно ќе се стави крај на 44-дневната војна за планинскиот регион Нагорно Карабах. Тука се одвиваа брутални судири кои раселија десетици илјади лица и го кренаа алармот за избивање на поширок регионален конфликт. Договорот е пропаганден триумф за азербејџанскиот лидер Илхам Алиев. За Москва исто така е пристоен исход. Со наближувањето на зимата и данокот што го зема коронавирусот, примирјето е хуманитарен, а за Кремљ е дипломатски благослов. По неколкумесечно набљудување како се одвива кризата на постсоветската сфера на влијание, претседателот Владимир Путин ја потврди Русија како регионален гарант на стабилноста со тоа што ќе испрати речиси 2.000 мировници за да го покаже тоа.

Поддршката на Турција дефинитивно беше од клучно значење, со оглед на нејзината силна поддршка за Баку, но не постои формална улога за Анкара во договорот кој стапи на сила вчера. Сепак Москва е таа што учествуваше во склучувањето и потпишување токму на време за да се избегне целосно преземање на енклавата од страна на Азербејџанците. Европа и САД се целосно отсутни од договорот.

Со поддршка на Турција, Азербејџан нижеше значајни воени успеси и за време на викендот го освои градот-тврдина Шуша, познати и како Шуши на ерменски јазик, кој има стратегиска важност. Ова се покажа како пресвртница, а Ерменија немаше друг избор освен да ги прифати „неверојатно болните“ отстапки претставени од премиерот Никол Пашинијан. Државата треба да се повлече од областите околу Нагорно Карабах кој го контролира од 1990-тите години. Алиев, во меѓувреме, триумфално се зави во знамето. Тој ги доби долго посакуваните отстапки, вклучувајќи ја руски заштитената област Нахичеван кој е географски одделен регион. За Русија воопшто не изгледа лошо мировниот придонес. Москва сега е буквално чувар на регионот, а со повлекувањето на ерменските сили им се овозможува простор на руските мировници во мисија која ќе трае најмалку пет години.

Успехот, сепак, не е целосен. Сè уште има многу што да се консолидира, особено со долгорочниот статус на Нагорно Карабах. Нема сомнеж дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја наметна моќта на Кавказот и веројатно си обезбеди пристап до Каспиското Море и на крајот до Централна Азија преку Азербејџан. Турските мировници, споменати од Баку, но не и во официјалната изјава, се триумф за Анкара, но главоболка за Кремљ, иако ќе останат во центарот за мониторинг на прекинот на огнот надвор од енклавата. Ова досега е невидена компликација, како што истакнува Максимилијан Хес од истражувачкиот институт за надворешна политика, а Русија не би сакала да има сили на една членка на НАТО некаде во близина на поранешниот Советски Сојуз.

Превод: Билјана Здравковска