Етиопскиот премиер Абиј Ахмед (во средина) беше награден со Нобелова награда за мир за постигнување мир со Еритреја

Помина одвај една година откако премиерот на Етиопија, Абиј Ахмед, беше глобално пофален како миротворец кој ја доби Нобеловата награда за мир, за воведување демократски реформи по повеќедецениска репресија, како и за потпишување мировен договор со соседна Еритреја, по само 18 месеци поминати на власт. Но, вчера тој покажа едно радикално, поинакво лице кога најави воена операција против Тиграј, една од покраините на земјата, пренесува „Њујорк тајмс“.

Од доаѓањето на власт, Абиј (44) доби големи пофалби за неговите залагања за модернизација на Етиопија со дозволување нови слободи и залагање за амбициозни програми за економски раст. Но, тој долго се бореше и со потиснатите барања од етничките групи, од кои голем број бараа поголема автономија од централната влада. Тие тензии сега стануваат сè понасилни.

Властите на Тиграј му пркосеа на неговиот авторитет со месеци, а тој ги обвини дека ја „преминале последната црвена линија“. Абиј рече дека ѝ наредил на етиопската армија „да ја изврши својата мисија за спас на земјата и регионот“. Абиј го обвини „Фронтот за ослободување на Тиграј“ за организирање на воен напад врз најголемата база на етиописката армија, која наводно имала за цел да заплени артилерија и друго оружје.
 
Експертите сметаат дека периодот на неизвесност и насилен бунт во земјата може да има потенцијални катастрофални исходи во регионот. Тие предупредуваат дека Етиопија ризикува да биде поделена како Југославија во 90-тите години, а загриженоста се прошири на Обединетите нации кои изразија „тревога“ и се залагаат за итна деескалација на конфликтот. Американската амбасада во Етиопија упати сличен апел.

– Абиј само што ја стори најлошата стратешка грешка во својата кариера. Војна во Тиграј, област со десетици илјади вооружени лица и долга историја на војување против Еритреја, може да има разорни последици низ целиот регион – објави на Твитер Рашид Абди, аналитичар „Рогот на Африка“.

Извештаите пренесуваат дека има тешки борби и десетици жртви на обете страни. Минатата година, Фронтот за народно ослободување на Тиграј се раздели од владејачката коалиција на Абиј. Во јуни, претседателот на горниот дом на парламентот, кој потекнува од Тиграј, поднесе оставка во знак на протест кога федералната влада ги одложи изборите, повикувајќи се на пандемијата.

Тензиите ескалираа од септември кога Тиграј отворено му се спротистави на Абиј со тоа што одржа избори кои беа откажани во остатокот од Етиопија поради пандемијата на коронавирусот. Во понеделникот, претседателот на регионот, Дебретсион Гебремајкл, предупреди дека Ахмед планира напад за да го казни Тиграј за тој чекор.