Жестоката размена на оган меѓу талибанските милитанти и американските сили во близина на воената база „Баграм“ во Авганистан, во текот на вчерашниот ден, се случи откако преговорите за примирје беа обновени викендов, пренесува „Њузвик“.

Во самоубиствениот бомбашки напад чија цел беше здравствена установа во изградба, во обидот за пробив на базата и пистата „Баграм“, загинаа двајца авганистански цивили, а повеќе од 70 беа повредени. Оружената престрелка која уследила потоа траела повеќе од девет часа. Американските власти објавија дека војниците ги задржале позициите во здравствената установа и оти не е пробиена безбедноста на базата.

Нападот се случи откако викендов продолжија мировните преговори помеѓу САД и талибанците. Обидите за постигнување на мир во „бесконечната војна“ во Авганистан, како што ја нарекуваат американските медиуми, беа во застој во изминатите три месеци, откако американскиот претседател Доналд Трамп ја прекина средбата помеѓу двете страни во резиденцијата Кемп Дејвид, во близина на Вашингтон.

Талибанските сили се обиделе да ги пробијат засилените бетонски ѕидови на болничкиот комплекс користејќи автомобил исполнет со експлозив. Станува збор за медицинска установа, позната како „корејската болница“ која е во изградба.

Во текот на престрелката беа повикани воени хеликоптери „Апачи“ и воени авиони за да им пружат поддршка на американските сили. Претставници од базата соопштија дека талибанските борци биле убиени во воздушните напади во текот на опсадата.

Нападот во близина на „Баграм“ е последен од серијата оружени напади врз американската војска по нејзиното влегување во Авганистан во октомври 2001 година.