Европската Унија соопшти дека останува определена за „договореното и одржливо решение за две држави на Блискиот Исток“, веднаш откако американскиот претседател Доналд Трамп го претстави неговиот блискоисточен мировен план. Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел најави дека ЕУ сака да ги проучи и процени предложените решенија. Притоа, според него, треба да се земат предвид легитимните стремежи на Палестинците и Израелците со почитување на сите резолуции на ОН и меѓународните спогодби.

Обединетите Нации соопштија дека се држат до нивните соодветни резолуции за формирање две држави кои живеат една покрај друга.

Претходно палестинскиот претседател Махмуд Абас го отфрли планот со кој се предвидува создавање палестинска држава на делови на Западниот брег, но му се дозволува на Израел да ги задржи сите еврејски населби на таа окупирана територија. Исто така се дозволува формирање на главен град на Палестина во предградието на источен Ерусалим, но поголемиот дел од тој град ќе остане под контрола на Израел.


Турција го отфрли планот на Трамп

Турција го отфрли мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток како обид за анексија на палестинска земја.

– Овој план е план за анексија што има за цел убивање на решението за две држави и кражба на палестинска земја – соопшти турското Министерство за надворешни работи.

Во соопштението се отфрла изјавата на Трамп за Ерусалим како неделива престолнина на Израел и порача дека Ерусалим е „црвената линија”.

– Американскиот таканаречен мировен план е мртвороден. Палестинскиот народ и нивната земја не можат да се купат со пари – се наведува во соопштението на турското МНР. Анкара порача дека нема да поддржи никаков план што не го прифаќаат Палестиниците.

Претходно палестинскиот претседател Махмуд Абас го отфрли планот со кој се предвидува создавање палестинска држава на делови на Западниот брег, но му се дозволува на Израел да ги задржи сите еврејски населби на таа окупирана територија. Исто така се дозволува формирање на главен град на Палестина во предградието на источен Ерусалим, но поголемиот дел од тој град ќе остане под контрола на Израел.


Лавров бара планот на Трамп да биде разгледан на меѓународно ниво

Мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за Израел и палестинските територии треба да се процени на меѓународно ниво пред објавувањето – изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Според него, Русија, САД, Европската Унија и Обединетите нации треба да ги оценат предлозите на планот.

– Мораме да ги почекаме официјалните предлози и да видиме од прва рака каква позиција имаат директнио засегнатите страни – изјави рускиот министер пред новинарите во Москва.

Последниве години, Русија презеде сè поголема улога во посредувањето меѓу Израел и палестинската власт. Рускиот претседател Владимир Путин разговараше со израелскиот и со палестинскиот лидер минатата недела.

Трамп по средбата со израелескиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера го објави планот на прес-конференција во Белата куќа. Американскиот претседател предложи формирање палестинска држава со главен град во источен Ерусалим велејќи дека станува збор за ситуација во која добиваат двете страни.