Рик Пери

Министрите за енергетика на САД и Русија, Рик Пери и Александар Новак, треба да се сретнат идната недела во Вашингтон, во време кога претседателот Доналд Трамп заговара зголемување на производството на нафта, објави синоќа „Волстрит џурнал“, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Весникот дознава дека средбата ќе се одржи во вторник, но дека е неизвесно која е намерата на администрацијата за средба со рускиот министер за енергетика. Тоа се случува во време кога Трамп и некои негови соработници застапуваат зголемување на производството на нафта поради зголемените цени на горивата во САД.

Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) вчера се договори да го зголеми произвдството до 1 милион барели дневно. Производството може да порасне до 700 илјади барели дневно, изјави на средбата Емануел Ибе Качикву, министер за нафта на Нигерија. Укажа дека на средбата не се разговарало за квоти за одделни земји.

Претходно некои руски медиуми дознаа дека Џон Болтон, советник за национална безбедност на Трамп, планира да пристигне во Москва идната недела во рамките на подготовките за средба помеѓу лидерите на САД и Русија. Според Трамп, таа средба може да се случи во јули.

Од Кремљ не ја исклучија можноста за средба помеѓу Трамп и Владимир Путин, но портпаролот Димитриј Песков одби да коментира конкретни детаљи.