Данската министерка за имиграцијата и интеграцијата Ингер Стојбер, чии изјави за странците често предизвикуваат полемика, денеска повика муслиманите да земат отсуство од работа за време на Рамазан заради безбедноста на работното место.

– Сакам да им кажам на муслиманите да земат отсуство за време на Рамазан, за да се избегнат негативни последици за остатокот од данското општество, изјави Ингер Стьойбер за таблоидот ВТ.

– Се прашувам дали религиозна заповед да се следи еден од столбовите на исламот од пред 1400 години е компатибилна со општеството и со пазарот на трудот во Данска во 2018 година, праша министерката.

Таа е член на либералната десноцентристичка партија „Венстре“ на премиерот Ларс Локе Расмусен. Таа посочи дека се плаши од последиците во однос на „безбедноста и продуктивноста”, а како пример ги наведе возачите на автобуси кои „ниту пијат, ниту јадат во текот на повеќе од 10 часа”.

– Тоа може да биде опасно за сите нас, оцени министерката.