Градот Минеаполис ќе плати 27 милиони долари за подмирување на барањата од тужбата на семејството на Џорџ Флојд – Афроамериканец кој беше убиен од полицаец од Минеаполис минатиот мај, објавија градските власти.

Градоначалникот Џејкоб Фреј ќе им се придружи на другите избрани функционери и членовите на семејството на Флојд на прес-конференција на која ќе се разговара за решението, пренесува Ројтерс.

Смртта на Флојд е забележана на видео-снимка, која ги поттикна едни од најголемите протести во современата историја на САД.

Судењето на Дерек Човин, поранешен полицаец од Минеаполис, кој го задави Флојд држејќи го коленото врз неговиот врат скоро девет минути, започна на почетокот на неделава под обвинение за убиство и убиство од небрежност.

Спогодбата на никаков начин нема да влијае на кривичната постапка против Човин, пренесе „Индипендент“.