Глобалното затоплување предизвикува екстремно брзо топење на глечерите на Хималаите, според најновото истражување објавено во списанието „Саентифик репортс“.

Со топењето на глечерите на две милијарди луѓе им се заканува недостиг на вода. Повеќе мраз во светот има само на Антарктикот и на Арктикот отколку на Хималаите, пренесува „Дојче прес“.

 

– Откривме дека мразот на Хималаите се топи најмалку десет пати побрзо од просечната брзина забележана низ вековите. Во последните неколку децении, мразот се топи со зголемена брзина, а тоа се совпаѓа со појавата на климатските промени предизвикани од човековата активност – рече Џонатан Каривик, главен автор на истражувањето и професор на Универзитетот во Лидс.

 

Истражувањето покажало дека досега исчезнале дури 40 проценти од површината на хималајските глечери, од кои најголем дел по 1970-тите. Жителите на планините и долините на реките Ганг, Инд и Брамапутра, како и многу други, се снабдуваат со вода од овие глечери. Соработникот на Керивик вели дека снемува време за да спречи следна катастрофа.

– Ова истражување е само уште една потврда дека климатските промени се забрзуваат и имаат значително влијание врз цели нации и региони – вели коавторот на истражувањето Сајмон Кук од Универзитетот во Данди.