Околу 400 дипломци на колеџот „Морхаус“ во Атланта, во американската сојузна држава Џорџија, добија неочекуван подарок за крај на школувањето од милијардерот и филантроп Роберт Смит кој реши да го отплати студентскиот долг на цела генерација во износ од околу 40 милиони долари.

-Студенти, опкружени сте со луѓе кои ви помогнаа денес да бидете тука. Во името на осум генерации на моето семејство, колку што сме во оваа земја, ќе ви дадам уште еден поттик- рекол Смит, кој бил главен говорник на церемонијата на доделувањето на дипломите.

Студентите, од кои некои должеле и по десетина илјади долари, биле шокирани.

-Делува нереално. Кога од говорницата кажа дека ќе ни ги плати долговите, погледнав во колегата и се прашав дали слушнав добро? Бев во шок. Ова е најдобиот подарок што сум го добил во животот- рекол еден од студентите.

Смит претходно на колеџот „Морхаус“ донирал 1,5 милиони долари. На овој колеџ студирале борецот за човекови права Мартин Лутер Кинг, познатиот режисер Спајк Ли и актерот Семјуел Л. Џексон.