Финансирањето е клучен дел од трката за Белата куќа и претседателските кандидати се обидуваат да дојдат до донации од секаде. Неколкумина американски милијардери ги потпишаа своите чекови за поддршка на кандидатите во отворената борба за демократска претседателска номинација, пренесува „Форбс“.

Од последниот рок за пријавување на Федералната изборна комисија на 15-ти јули, 67 милијардери (вклучувајќи ги сопружниците и членовите на нивните семејства) донираа средства на дваесетмината демократски кандидати кои дебатираа во Детроит минатата недела.

Според податоците на Сојузната изборна комисија на САД, Крис Сака и неговата сопруга Кристал, донирале средства дури за седум кандидати. Други пак, како Бил Гејтс и Ворен Бафет, одлучиле да донираат за само еден од кандидатите.

Пит Бутиџиџ се наоѓа на врвот на донаторската ранг-листа со 23 милијардерски донатори. Веднаш зад него, на второто место, е Кори Букер за кој донирале 18 милијардери. Третото место ѝ припаѓа на Камала Харис, со 17 милијардерски донации. Петнаесет милијардери донирале средства за Мајкл Бенет, а за Џо Бајден – 13.