Додека учениците низ светот полека се враќаат во училишните клупи по завршувањето на летниот распуст, сè уште се дебатира дали се безбедни часовите со физичко присуство и дали се разумна опција иако не е ставен крај на пандемијата на ковид-19. Поддржувачите на регуларната настава со физичко присуство ги истакнуваат ограничувањата на далечинското учење, додека, пак, други стравуваат за групирањето на учениците во слабо проветрени училници, што е сериозна причина против класичната настава.
Иако дебатата е најгласна во државите како САД, каде што навистина постојат услови за далечинско учење, важно е да се нагласи дека големи делови од светот немаат привилегија да водат дебата за позитивните и негативните страни на дигиталното учење. Според еден скорашен извештај на УНИЦЕФ, на најмалку 460 милиони ученици во светот не им се достапни програмите за далечинско учење, затоа што немаат никаков пристап до потребните уреди или инфраструктура.

На светско ниво, најмалку 31 отсто од учениците од претшколска возраст, па до средношколците, немаат услови за следење дигитална настава поради недостиг од политики што поддржуваат ваков вид образование или воопшто не располагаат со домашни технички уреди за следење далечинска настава, како што се наведува во извештајот на УНИЦЕФ, со тоа што Африка и Јужна Азија се најмалку подготвени за одложување на наставата.
Како што покажува инфографикот, на најмладите ученици најверојатно ќе им биде скратена можноста за далечинско учење, затоа што секое второ од три деца на претшколска возраст не располага со соодветни услови. Од аспект на бројките, проблемот најмногу се истакнува во основните училишта, каде што над 200 милиони деца немаат пристап до алатки за далечинско следење на наставата.