Отпорноста на лековите на микроорганизмите е една од глобалните закани

Според податоците на истражувањето на Агенцијата за храна и земјоделство (ФАО) при Обединетите нации се наведува дека постои стравување дека микроорганизмите на вирусите стануваат сѐ посилни од лековите, со што се создаваат тешкотии при лекувањето на заболените, проблем што може да предизвика дури и нова следна пандемија, потенцијално поопасна од коронавирусот

Истражување на ООН за можна нова пандемија

Микроорганизмите се сè поотпорни на лекови и проблемот може да стане извор на нова пандемија, со сериозни последици по здравјето на луѓето, земјоделско-прехранбените системи, но и светската економија. Ова меѓу другото го наведува Агенцијата за храна и земјоделство при ООН (ФАО) во анализа во која дополнително предупредува дека најмалку 700.000 луѓе годишно умираат од заразни болести на респираторниот тракт и на уринарниот систем и од сексуално преносливи болести, токму поради тешкотиите при лекување предизвикани од сѐ поголемата отпорност на микроорганизмите кон лековите.
Според ФАО, отпорноста на микроорганизмите е исто така сѐ поприсутна и во земјоделско-прехранбените системи, што дополнително ја загрозува и глобалната безбедност на храната.
– Низ целиот свет, луѓето, животните и растенијата веќе умираат од инфекции што не може да се третираат дури ни со најсилните антимикробни лекови. Ако не се реши проблемот со отпорноста на лекови против микроорганизмите, следната пандемија со која ќе се соочиме може да биде токму бактериска и многу поубиствена, поради фактот дека сегашните лекови веќе не дејствуваат – рече заменик-генералната директорка на ФАО, Марија Хелена Семедо.

Во меѓувреме, како што се наведува во анализата на Секторот за храна и земјоделство при ОН, клучна улога во решавањето на овој проблем имаат токму прехранбениот и земјоделскиот сектор, бидејќи во многу делови низ светот користењето на антимикробните лекови е позастапено во сточарството отколку во заштитата на здравјето на луѓето.
Поради тоа, агенцијата ФАО неделава ќе формира тим од експерти, вклучувајќи земјоделци, ветеринари, епидемиолози и научници, за да бараат решенија во земјоделскиот сектор, но и политиката за насочување кон посоодветна употреба на антимикробните средства за ефективната превенција од болести.
Во меѓувреме, тие им предлагаат на земјоделците и актерите во синџирот на исхрана темелно да ги мијат рацете, облеката и обувките и работните површини пред и по контактот со животните и производите. Чиста вода, но и добрата храна за животните се исто така важни, кои мора и треба да се чуваат на суви и заштитени места од глодари, птици, бубачки, но и од други животни што лесно можат да им пренесат бактерии.
Сепак Агенцијата за храна и земјоделство (ФАО) при ОН, исто така, нагласува дека употребата на пестициди треба да биде последното средство што ќе се користи како решение на проблемот .

Како што наведува, ФАО на потрошувачите им се препорачува добро да ја загреваат храната пред употреба. Температурата во фрижидерите и во транспортот мора да биде на соодветно ниско ниво, особено кога станува збор за суровото месо. Во таа насока, Агенцијата ги повикува политичарите да ја направат борбата против отпорните микроорганизми приоритет и итно да дефинираат мерки за решавање на проблемот, преку соработка со сите засегнати страни, за да бидат што поефикасни стратегиите и законите во иднина.