Невладините организации и демократските претставници го обвинуваат претседателот Доналд Трамп дека ги користи мигрантите за политички цели наспроти претстојните избори за Конгресот. Тие тврдат дека Трамп сака да го заплаши гласачкото тело во САД, користејќи ги мигрантите за непотребно испраќање илјадници војници на границата со Мексико

Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека би можел да испрати и до 15.000 војници на границата со Мексико, каде што би требало да пристигне карванот со мигранти од Централна Америка. Карванот, во кој има околу 4.000 мигранти, се наоѓа на околу 1.600 километри од границата меѓу САД и Мексико. На американските погранични служби во моментов помош им даваат 2.100 припадници на Националната гарда, додека, пак, Пентагон соопшти дека може да бидат испратени уште 5.200 војници. Од друга страна, невладините организации и демократските претставници го обвинуваат Трамп дека ги користи мигрантите за политички цели наспроти претстојните избори за Конгресот. Тие тврдат дека Трамп сака да го заплаши гласачкото тело во САД, користејќи ги мигрантите за непотребно испраќање илјадници војници на границата со Мексико, пренесуваат светските медиуми.

– На границата ќе испратиме помеѓу 10.000 и 15.000 војници, покрај припадниците на пограничните и емиграционите служби на границата. Никој нема да влезе. Нема да им дозволиме на луѓето да дојдат – порача шефот на Белата куќа.

Карванот со мигранти од Хондурас, Гватемала и Ел Салвадор се наоѓа на околу 1.600 километри од американско-мексиканската граница. Според процените, ќе бидат потребни неколку недели пред да пристигне карванот до САД. И покрај тоа, говорејќи на предизборен митинг на Флорида, Трамп истакна дека „мигрантите наскоро ќе пристигнат“.

– Тие бргу ќе пристигнат. Се обидуваат да дојдат на секој можен начин. Се обидуваат да стигнат со возови, камиони и со автобуси. Но ние ќе бидеме подготвени. Тие нема да дојдат во нашата земја – предупреди Трамп.

Повеќе организации за човекови права и претставници на Демократската партија го обвинуваат Трамп за расистички заговор и намерно создавање криза со мигрантите пред изборите за Долниот и Горниот дом на американскиот Конгрес. Според нив, американскиот претседател намерно ги зголемува тензиите со испраќање илјадници војници што треба да го пречекаат карванот, за да исплаши дел од гласачкото тело во САД.

– Зголемувањето на бројот на војници за непостојна криза е расистички заговор и неодговорно трошење на ресурсите – изјави Шо Дрејк од Американската унија за граѓански слободи.

Според него, ваквите постапки се сосема спротивни на мудриот одговор на миграцијата.

– Ја сметаме идејата за испраќање војници на границата како уште еден обид на администрацијата на Трамп да создаде криза онаму каде што не постои. Веќе имаме големо присуство на безбедносните сили на нашите граници. Мигрантите не се закана за никого, а уште помалку закана за која е потребно распоредување војници во дворовите на нашите погранични заедници – истакнува Дрејк.

Кончита Круз, основач на Проектот за застапување баратели на азил, оценува дека сето ова ќе донесе дополнително страдање на семејствата, кои и онака веќе доволно страдаат.

– Мојот најголем страв е дека претставниците на американската влада ќе предизвикаат повеќе насилство и дополнително страдање на семејствата што не сториле ништо лошо, единствено што бараат безбедност и слобода во САД – истакнува Круз.
Сепак, како што оценува Би-би-си, Трамп по сѐ изгледа не ги слуша критиките. На помалку од една недела пред изборите за Конгресот, американскиот претседател објави на Твитер контроверзна реклама. На видеоснимката се обвинуваат демократите дека го „пуштиле внатре“ Луис Бракомонтес, нелегалниот имигрант од Мексико, кој уби двајца полицајци во Сакраменто во 2014 година.

– Нелегалниот имигрант Луис Бракомонтес уби наши луѓе. Демократите го пуштија во нашата земја. Демократите му дозволија да остане – се наведува во легендата на снимката од рекламата што ја објави Трамп.

Претседателот на Демократскиот национален комитет, Том Перез, оцени дека рекламата го покажува „најлошото издание на Доналд Трамп“.

– Доланд ја користи рекламата за заплашување – порача Перез.

Во коментарите под видеото, корисниците на Твитер посочуваат дека белите Американци се одговорни за голем број масовни престрелки, вклучувајќи го и неодамнешниот напад врз синагога во Питсбург, во кој беа убиени 11 еврејски верници.


Трамп: За третина Американци медиумите се непријатели

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно упати остри критики до медиумите, обвинувајќи дека не ги објавуваат неговите остри реакции за осуда на омразата. Трамп порача дека дури една третина од Американците сметаат оти медиумите се „непријатели на народот“.
– Медиумите не сакаат да ја слушнат вашата приказна. Силно ги осудивме омразата, расизмот и предрасудите во сите нивни грди форми. Медиумите не сакаат да ја слушнат вашата приказна, тоа не е моја приказна, туку ваша – додаде шефот на Белата куќа на предизборниот митинг во Флорида.
Критичарите го обвинуваат Трамп дека поттикнува насилство со користењето екстремна реторика против политичките противници, медиумите, имигрантите и муслиманите, пренесува Би-би-си.


Укинување на правото на државјанство стекнато со раѓање?

Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе го укине правото на државјанство на децата родени во САД, чии родители не се американски државјани или се нелегални имигранти. Запрашан за легалноста на таквиот потег, Трамп порача дека тоа може да го стори само со извршна наредба.
– Ние сме единствена земја во светот, во која некое лице ќе дојде и ќе роди бебе, и тоа бебе е граѓанин на САД – додаде шефот на Белата куќа.
Според Трамп, адвокатите во Белата куќа го разгледуваат неговиот предлог. Одземањето на правото за американско државјанство на бебињата родени во САД, би можело да предизвика судска битка за тоа дали претседателот има еднострана моќ да го менува Уставот на земјата. Во согласност со 14-от амандман од американскиот устав, ваквото право им е гарантирано на сите деца родени во САД. Американскиот конгресмен Пол Рајан изјави дека државјанството на САД, стекнато со раѓање, не може да се укине со претседателска извршна наредба.