Хуманитарниот брод за спасување со 104 мигранти, кој 12 дена пловеше низ Медитеранот, чекајќи реакција од Европската унија (ЕУ), е закотвен во пристаништето во Сицилија.

Француските хуманитарни организации „СОС Медитеран“ и „Лекари без граници“, кои управуваат со бродот, претходно побараа дозвола за закотвување во Италија или Малта.

Екипажот на бродот „Оушн викинг“ ги спаси мигрантите од гумен чамец во близина на Либија пред 12 дена, но не сакаа да ги вратат во таа земја затоа што ја сметаат за небезбедна.

Италија вчера соопшти дека ќе им дозволи на мигрантите да пристигнат на нејзино тло откако Германија и Франција се согласија да ги прифатат.

Мигрантите на бродот биле од осум земји, вклучувајќи ги Бангладеш, Судан и Нигерија. Меѓу нив имало и 41 малолетник и две бремени жени.