Британската премиерка Тереза Меј која попладне ќе се соочи со гласање за недоверба како лидер на Конзервативната партија, изјави дека евентуалниот нов водач ќе мора да го продолжи рокот за излез на Велика Британија од Европската унија, а можно е и да го откаже целиот процес на Брегзит.

– Новиот лидер нема да може да дојде на функција до истекот на законскиот рок на 21 јануари, така што изборот на ново раководство ризикува контролата врз преговорите за Брегзит да ја предаде во рацете на опозициските пратеници во Парламентот – изјави Меј во обраќање во Даунинг стрит откако пратениците на нејзината партија за вечерва најавија гласање за недоверба.

Според премиерката, новиот лидер не би имал време повторно да преговара за договорот за повлекување на Велика Британија од ЕУ и да издејствува усвојување закон за тоа во Парламентот до 29 март кога Британија треба да ја напушти Унијата.

– Затоа еден од првите чекори (на новото раководство) би морало да биде продолжување или откажување на активирањето на членот 50 што значи и одложување или дури откажување на Брегзит во момент кога народот сака да продолжиме со тоа – објасни премиерката.

Во исто време таа истакна дека „ќе се бори со се што има“ за да остане на власт, а воедно ги повика и партиските колеги да ја поддржат.

– Повлекување во кризни времиња би ја довело во опасност иднината на земјата и би создало неизвесност во момент кога тоа најмалку можеме да си го дозволиме – нагласи Меј.

Ако загуби на гласањето, Меј ќе остане лидер на партијата и премиерка додека не се избере нејзин наследник, а ако победи – најмалку една година нејзината функција не може да биде доведена во прашање.

Во меѓувреме, британскиот министер за правда Дејвид Гок денеска изјави дека Британија мора да го одложи излегувањето од Европската унија ако конзервативните пратеници изгласаат недоверба за партиската функција на Меј.

– Кога станува збор за преговарање за кој било вид аранжман со ЕУ мислам дека е неминовно ако таа загуби на гласањето вечерва, да се одложи активирањето на членот 50 – изјави Гок и додаде дека не верува оти Британија ќе ја напушти ЕУ на 29 март следната година.

Претседателот на таканаречениот Комитет 1922 на конзервативната партија, кој е одговорен за раководството на партијата, Греам Брејди изјави дека е надминат прагот потребен за иницирање гласање за недоверба. Гласањето ќе се оддржи меѓу 18 и 20 часот во Долниот дом во Британскиот Парламент а резултатите ќе бидат објавени во најкус можен рок, информира Брејди.

Според него, Меј не била изненадена од ваквиот потег на нејзините сопартијци и сакала тоа брзо да се оддржи.

На прашањето како реагирала Меј кога синоќа и се јавил и и го најавил гласањето за недоверба, Брејди за Радио Би-Би-Си изјави дека „звучела деловно и нестрпливо сето тоа што побрзо да се одржи“.

– Според мене, јасно е дека тоа е во интерес на земјата, како и на Владата и Конзервативната партија – заклучи претседателот на Комитетот на Конзервативната партија кој го организира гласањето.

– Слабоста на британската премиерка Тереза Меј целосно ја блокира Владата во овој критично важен момент за земјата, изјави претседавачот на опозициската Лабуристичка партија Јан Лејвери.

– Договор за Брегзит на премиерката, кој не е добро обмислен, нема поддршка од нејзиниот Кабинет, од партијата, од Парламентот или од земјата. Внатрешните поделби во Конзервативната партија претставуваат закана за работните места и животниот стандард на луѓето – изјави тој.