Британската премиерка останува на ставот дека постигнатиот договор со ЕУ е добар и покрај серијата оставки во нејзиниот кабинет и отворениот бунт од група пратеници

Британската премиерка Тереза Меј повторно ги отфрли критиките за постигнатиот нацрт-договор за брегзит, порачувајќи дека спогодбата ќе ги заштити британските работни места и границите, и ќе го олесни излегувањето на земјата од ЕУ. Меј останува на ставот дека договорот е добар и покрај серијата оставки во нејзиниот кабинет и отворениот бунт од група пратеници.

– Договорот ќе функционира. Курсот што го поставив е добар за нашата земја – истакнува Меј во авторската статија за „Сан“.

Според шефицата на британската влада, договорот ќе го запре слободниот прилив на имигранти во земјата.

– Првпат во една генерација ќе одлучиме кој ќе дојде во оваа земја и, исто така важно, кој не ќе може да дојде. Договорот ќе заштити милиони британски работни места, ќе им стави крај на годишните уплаќања за буџетот на ЕУ и ќе ја прекине јурисдикцијата на Европскиот суд на правдата над Британија – додава Меј.

Нејзината статија, според британските медиуми, по сѐ изгледа е последен обид за обезбедување поддршка од јавноста во текот на бурата што ја предизвика нацрт-договорот за брегзит, што минатата седмица го постигнаа Британија и ЕУ. Меј се соочува со исклучително тежок период – најмалку седум министри од нејзиниот кабинет поднесоа оставка, а критики на нејзина сметка пристигнуваат и од матичната партија, како и од опозицијата. Десетици пратеници дури и јавно побараа гласање во парламентот за доверба на премиерката Меј.

Меѓу министрите што поднесоа оставка е и секретарот за брегзит Доминик Раб, кој ја обвини премиерката дека попуштила под принудите на ЕУ.

– Ако не можеме да договориме разумни услови во договорот, тогаш треба да бидеме многу искрени со земјата, дека нема да бидеме поткупени и уценети, или присилени, и дека ќе си заминеме – порача Раб.

Во меѓувреме, лидерот на лабуристите Џереми Корбин истакна дека не може самиот да го запре брегзит, но оти сите опции и натаму се отворени.

– Лабуристите нема да го поддржат сегашниот договор, бидејќи не ги исполнува шесте услови на партијата – наведе Корбин.

Според него, прерано е да се зборува за идејата за нов референдум за конечниот договор за брегзит.

– Втор референдум е опција за иднината, а не опција за сега – додаде Корбин.