Британската премиерка Тереза Меј денеска изјави дека „нема да биде крај на светот“ доколку Велика Британија не постигне договор со Европска унија за Брегзит.

Британскиот министер за финансии, Филип Хамонд истакна дека Меј всушност ја повтори изјавата на директорот на Светската трговска организација за излезот на Велика Британија од ЕУ без договор, кој наведе дека тоа „нема да биде лесна прошетка но, нема да биде ниту крај на светот“.

Меј додаде дека Владата е подготвена за сценарио во кое нема да биде постигнат договор со ЕУ, бидејќи засега не знаат каков ќе биде исходот од преговорите.

Таа изјавата ја даде пред да отпатува за Африка, каде планира да ја интензивира трговската размена со Велика Британија пред Брегзит.

Меј денеска пристигна во Кејптаун, каде ќе се сретне со претседателот на Јужна Африка, Сирил Рамапоса, а потоа ќе ги посети Нигерија и Кенија. Во делегацијата на Меј се вклучени и 29 британски бизнисмени.

– Велика Британија сака до 2022 година да биде најголем инвеститор во Африка помеѓу земјите членки на Г-7 – истакна Меј во Кејптаун.