Британската премиерка Тереза Меј изјави дека „длабоко жали“ поради одлуката на Долниот дом на Парламентот во Лондон вторпат да го отфрли договорот за брегзит.

Меј нагласи дека и самата имала дилеми околу договорот, но дека била свесна за потенцијалната „штета“ со која може да се соочи Велика Британија доколку ја напушти ЕУ без регулирани идни односи.

Таа нагласи дека ќе побара пратениците утре да се изјаснат за можноста за брегзит без договор, а доколку го одбијат и тоа, в четврток да гласаат за евентално одлагање на британското напуштање на Унијата, предвидено за 29 март.

Меј порача дека ако Парламентот прифати одлагање на брегзит, тогаш ЕУ ќе сака да знае што Лондон сака да постигне со таквото барање и дека пратениците сега се наоѓаат пред тежок избор за тоа што понатаму.

Лидерот на опозцииската Лабуристичка партија, Џереми Корбин, пак оцени дека вечерашното гласање покажало оти Владата претрпела пораз со големо мнозинство и ќе мора да прифати оти нејзиниот договор нема поддршка во Парламентот, па затоа побара одржување предвремени избори.

По гласањето во британскиот Парламент, се огласи и ЕУ.

– Европска Унија жали поради исходот од гласањето во Долниот дом на британскиот Парламент, но ние не можеме повеќе да направиме за да и помогнема на премиерката Тереза Меј за да обезбеди ратификација на договорот за Брегзит – изјави портпарол на Советот на ЕУ.

Како што јави германската новинска агенција ДПА, тој наведе дека ЕУ е разочарана што британската Влада не успеа да обезбеди мнозинство за договорот за брегзит.

– Ние направивме сѐ што е можно за да и помогнеме на премиерката да постигне договор и не можеме да направиме повеќе. Ако постои решение за моменталниот застој, тогаш тоа треба да се бара во Лондон – истакна тој.

Дополнително, од Унијата потенцираа дека државите членки на ЕУ се подготвени да разгледаат евентуално барање на Велика Британија за одлагање на британското истапување.

– Ако има основано барање од Велика Британија за одлагање на брегзит, 27-те држави членки на ЕУ ќе бидат подготвени да го разгледаат и да донесат едногласна одлука – изјави портпаролот.

Долниот дом на британскиот Парламент вечерва со 391 глас „против“ и 242 гласа „за“ вторпат го отфрли Договорот за Брегзит, што претставува нов тежок удар за обидите на премиерката Тереза Меј за регулирано истапување на Велика Британија од ЕУ.