Британската премиерка Тереза Меј во статија за весникот „Меил он сандеј“ ги предупреди членовите на владејачката Конзервативна партија дека можеби нема да се стигне до Брегзит ако го попречуваат нејзиниот план за излез од ЕУ.

– Мојата порака до земјата овој викенд е едноставна: целта не треба да ја испуштаме од поглед. Ако не го спроведеме, ризикуваме да останеме без никаков Брегзит – напиша таа.

Меј минатата недела се обидуваше да добие поддршка за нејзиниот план за воспоставување на зона за слободна трговија со ЕУ по Брегзит, во време кога членови на Владата поднесоа оставки, а американскиот претседател Доналд Трамп упати критики кон планот.

Во својата статија, таа истакнува дека досега не видела корисна алтернатива на тој план.